СДСМ објави видео од експлозијата во Бардовци и тврди дека нападот се случил во двор поврзан со М. Б, вработен во Министерството за внатрешни работи, за кого партијата дополнително наведува дека е поврзан со кумот на премиерот Христијан Мицкоски. Од МВР официјално е потврдено дека на 16 август во Бардовци бил фрлен предмет што предизвикал експлозија и материјална штета, но полицијата досега јавно не ги потврди тврдењата на СДСМ за идентитетот и наводните политички поврзаности.
Во соопштението СДСМ наведува дека располага со видеоснимка од моментот на експлозијата и прашува зошто случајот, според нив, не добил поголемо внимание во јавноста и која е неговата позадина. Партијата најавува дека дополнителни детали ќе објави утре, повикувајќи се на информации што, како што тврди, ги добила од свиркачи.
Случајот, сепак, е регистриран во официјалниот полициски билтен.
Според информацијата на МВР, на 16 август околу 2.35 часот, К. Б, 70 годишен скопјанец, пријавил дека кон неговиот дом во Бардовци бил фрлен предмет кој предизвикал експлозија. При експлозијата биле оштетени скалите на влезот од куќата, прозорец, патничко возило, портата и други делови од имотот. Полицијата соопшти дека презема мерки за расчистување на случајот.
СДСМ посочува дека зад случајот има дополнителна позадина што треба да биде разјаснета и најавува нови информации.
МВР до овој момент нема соопштено кој го фрлил предметот, каков вид експлозивна направа била употребена, ниту кој би можел да биде мотивот за нападот. Истрагата за настанот продолжува.
