Двајца осомничени во случајот со запленетите пет тони марихуана во Србија признале вина и склучиле спогодби со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Со одлуки на Основниот кривичен суд Скопје, на двајцата им се изречени затворски казни од три години и шест месеци, односно три години и осум месеци.
Пресудите биле донесени на 10 август 2026 година, врз основа на предлог спогодбите склучени со двајцата осомничени. Со признавањето на вината тие прифатиле дека го сториле кривичното дело што им се става на товар, а станува збор за неовластено изработување и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Случајот ја потресе јавноста на почетокот на годината, откако српските истражни органи во магацин кај Крушевац открија и запленија повеќе од пет тони марихуана. Според српските власти, станувало збор за точно 5.002 килограми марихуана, што било најголемата поединечна заплена на наркотична дрога во историјата на Србија.
Истрагата во Македонија опфати шест лица, а случајот се поврза со компанија регистрирана за одгледување канабис за медицински цели. Меѓу уапсените во Србија беше и српскиот државјанин Иван Драгниќ, кој бил косопственик на скопската компанија „Алфапхарм груп“.
Компанијата била основана во 2023 година, а во април 2024 година добила согласност за одгледување канабис за медицински цели. Според податоците објавени од „Фокус“, фирмата во 2024 година пријавила загуба од повеќе од осум милиони денари.
Случајот отвори и пошироки прашања за контролата на компаниите што имаат дозволи за производство на медицински канабис. Според истражувањето на „Фокус“, од 2017 година досега 61 компанија добила одобрение за одгледување канабис за медицински цели, додека на 14 компании им била одземена лиценцата, а уште четири биле во постапка за одземање.
Паралелно со истрагата за петте тони запленети во Србија, македонските истражни органи во февруари извршија претреси во компании поврзани со производство на медицински канабис, при што биле пронајдени и дополнителни количини марихуана.
Телевизија Телма тогаш објави дека истрагата укажува на сериозни слабости во системот за контрола на лиценцираните производители на медицински канабис, вклучително и ограничени капацитети за надзор и недоволна дигитализација на податоците.
Со признавањето на вината на двајцата осомничени, случајот добива прва судска разрешница. Сепак, истрагата продолжува за останатите лица опфатени со постапката, а допрва треба да се утврди целосната структура на каналот преку кој петте тони марихуана стигнале од Македонија во Србија.
