Франција официјално го легализираше асистираното умирање, откако претседателот Емануел Макрон го потпиша и го прогласи законот што претходно беше усвоен во Парламентот и одобрен од Уставниот совет.
Законот воведува право на медицинска помош при умирање под строго утврдени услови. Пациентот ќе може сам да ја земе смртоносната супстанција во присуство на здравствен работник, а доколку физички не е способен да го направи тоа, супстанцијата ќе може да ја администрира медицинско лице.
Правото ќе важи само за полнолетни француски државјани или лица кои долгорочно живеат во Франција, кои боледуваат од сериозна и неизлечива болест во напредна или терминална фаза. Дополнителен услов е пациентот да има страдање кое не може да се ублажи или кое самиот го смета за неподносливо и да биде способен слободно и информирано да ја донесе одлуката.
За исполнувањето на условите ќе одлучува лекар, кој задолжително ќе треба да се консултира и со други здравствени работници.
Француското Национално собрание дефинитивно го усвои законот на 15 јули, по долг парламентарен процес и несогласувања со Сенатот. Уставниот совет на 14 август оцени дека законот е во согласност со францускиот Устав.
Иако законот е прогласен, практичната примена нема да почне веднаш. Владата треба да ги донесе потребните подзаконски акти со кои ќе биде прецизирана постапката за негово спроведување.
Со ова Франција им се приклучува на земјите кои веќе дозволуваат различни форми на медицински асистирано умирање, меѓу кои Белгија, Холандија, Швајцарија и Канада.
