Само ја смени фотелјата: Шабан Салиу доби нова функција во Влада и плата над 100.000 денари

Реконструкцијата на Владата за Шабан Салиу не значеше и заминување од извршната власт. Поранешниот министер без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, по разрешувањето од министерската фотелја доби нова владина функција: национален координатор за следење на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030.

Одлуката била донесена на владина седница на 21 јули, практично во истиот период кога Салиу престана да биде член на Владата, а на неговото министерско место беше избран Ерџан Демир. Наместо излез од извршната власт, за Салиу реконструкцијата заврши со преместување на друга функција во истата Влада.

Самиот Салиу тогаш објави дека ќе продолжи да го координира Националното координативно тело за следење на имплементацијата на Стратегијата за инклузија на Ромите и ѝ се заблагодари на Владата за укажаната доверба.

Но, новата функција не е само ново име на визит-картичката. Националните координатори се платени од државниот буџет, а според јавно објавените податоци за овие позиции, нивните месечни примања се движат од околу 100.000 до 125.000 денари, зависно од утврдениот коефициент и стажот. За повеќе национални координатори претходно беше утврден коефициент од 2,87.

Така, Салиу по заминувањето од министерската позиција не остана без државна функција и без високи буџетски примања. Ја смени функцијата, но остана во владиниот систем.

Назначувањето дополнително отвора политичко и етичко прашање затоа што Салиу во исто време е еден од обвинетите во судскиот предмет за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во својство на поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Судската постапка е во тек и Салиу не е правосилно осуден. Во текот на судењето тој ја отфрлаше одговорноста и тврдеше дека дел од документите од ДЗС не биле потпишани од него.

Токму затоа назначувањето носи и пошироко прашање за критериумите според кои Владата ги распределува високите јавни функции. Наместо реконструкцијата да донесе јасен кадровски рез, во случајот со Салиу таа заврши со преместување од една во друга фотелја – од министер без ресор во национален координатор.

Случајот не е единствен. И поранешниот министер за култура Зоран Љутков, само седум дена по разрешувањето, беше назначен за национален координатор за култура. Со тоа сè поизразено се поставува прашањето дали дел од реконструкцијата на Владата навистина значи кадровска промена или само прераспределба на поранешни функционери на нови, добро платени позиции.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?