Американските имиграциски власти го уапсија Блерим Скоро, 55-годишен маж роден во Косово, кој тврди дека со години работел тајно за ЦИА и ФБИ и се инфилтрирал во мрежи поврзани со Ал Каеда. Администрацијата на Доналд Трамп сега се обидува да го депортира, иако суд во 2022 година забрани негово враќање во Косово поради опасност да биде измачуван или убиен.
Скоро бил уапсен на 3 август пред канцеларија на американската имиграциска служба во Њу Џерси, каде што дошол за редовно обновување на документите. Тој во моментов се наоѓа во имиграциски притвор, а неговите адвокати поднесоа барање до федералниот суд за да спречат депортација.
Неговата приказна започнува по нападите од 11 септември 2001 година. Скоро тогаш издржувал затворска казна за трговија со дрога. Документи на ФБИ до кои дошол CBS News го идентификуваат како доверлив информатор, кој доставувал информации за лица осомничени за тероризам. Во извештаи од 2004 година дел од неговите информации биле оценети како „употребливи“ и „веродостојни“.
Самиот Скоро тврди дека по излегувањето од затвор продолжил да работи за ЦИА и дека од 2007 до 2009 година се инфилтрирал во структури поврзани со Ал Каеда на Балканот и Блискиот Исток. Наведува дека работел во Косово, Либан, Јордан, Пакистан и Египет, а неговата приказна подоцна беше обработена и во документарниот филм „The Accidental Spy“.
CBS News нагласува дека ФБИ-документите ја потврдуваат неговата работа како доверлив информатор, но ЦИА не одговорила на барањето на медиумот да ја потврди неговата верзија за работата за агенцијата. Затоа тврдењето дека Скоро бил оперативец на ЦИА главно се темели на неговите искази и на документите од неговите адвокати.
Според неговите адвокати, Скоро помогнал во апсењето на лица поврзани со Ал Каеда, Ал Шабаб и Хезболах. Меѓу нив бил и Бетим Казиу, осуден во САД на 27 години затвор поради обид да набави оружје и да се приклучи на Ал Шабаб. Скоро тврди дека додека Казиу престојувал во неговиот стан во Косово тајно ја известил ЦИА за неговата локација.
По враќањето во САД, Скоро повторно бил приведен од имиграциските власти во 2016 година. По шестгодишна правна битка, во ноември 2022 година имиграциски суд го блокирал неговото депортирање во Косово, прифаќајќи дека таму би можел да се соочи со тортура или смрт поради неговата поранешна работа.
Скоро живее во Њујорк, работи како таксист и има сопруга Американка и деца во САД. Неговите адвокати тврдат дека сегашното апсење е незаконско бидејќи веќе има судска заштита од депортација согласно Конвенцијата против тортура. Федералниот суд побара од американската Влада да одговори на нивното барање.
„Никогаш не мислев дека ќе ме предадат вака“, изјавил Скоро од притвор за CBS News.
