Брисел го претвори Гранд Плас во цветна верзија на „Големиот бран“

Главниот плоштад во Брисел, Гранд Плас, четири дена беше покриен со огромен цветен тепих инспириран од едно од најпознатите дела на јапонската уметност, „Големиот бран кај Канагава“ на Кацушика Хокусаи.

Годинашното, 24. издание на традиционалниот бриселски „Flower Carpet“ беше посветено на Јапонија по повод 160 години дипломатски односи меѓу Белгија и Јапонија. Дизајнот го изработи јапонскиот уметник Хиро Сугијама со колективот „Enlightenment“.

Цветната композиција беше долга 70 и широка 24 метри, со вкупна површина од 1.680 квадратни метри. Повеќе од сто волонтери ја составиле за само неколку часа. Официјалните податоци наведуваат дека за овогодишниот дизајн биле употребени повеќе од 500.000 далии, додека во целата конструкција традиционално се користат и други растителни материјали.

Од нивото на плоштадот, сепак, целата слика тешко можела да се види. Репортерка на Nova.rs која викендот го поминала во Брисел опишува дека од непосредна близина посетителите гледале главно одделни полиња со цвеќиња и огромна гужва околу оградите, додека вистинскиот ефект на композицијата се откривал од височина.

Токму затоа најбарани биле местата на балконот на Градската куќа и повисоките точки околу Гранд Плас. Посетителите можеле да се искачат и на кулата на Градската куќа, од каде се отвора панорамски поглед на плоштадот и целиот цветен дизајн.

Оваа година цветното украсување не останало само на Гранд Плас. За првпат бил поставен и втор цветен тепих кај Бриселската берза, инспириран од хмељот и белгиската традиција на производство на пиво. Во центарот на градот биле украсени и десетици излози и улици во рамки на програмата „Shops in Bloom“.

Првиот цветен тепих на Гранд Плас бил поставен во 1971 година, а од 1986 година манифестацијата се одржува на секои две години, традиционално околу 15 август. Плоштадот е дел од светското наследство на УНЕСКО од 2000 година.

Годинашниот тепих беше изложен од 13 до 16 август и, како и секое издание, исчезна по само четири дена, што организаторите го опишуваат како суштината на оваа форма на ефемерна уметност.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?