Хрватска од 1 март 2027 година целосно го менува начинот на наплата на патарините. Класичните наплатни рампи со земање билет и плаќање на шалтер ќе заминат во историјата, а возилата ќе поминуваат без запирање, додека камерите и електронските уреди автоматски ќе ја пресметуваат патарината.
Новиот систем го носи името „Crolibertas“ и ќе важи на целата хрватска автопатска мрежа управувана од Hrvatske autoceste, Bina Istra и Autocesta Zagreb-Macelj. Возачите повеќе нема да застануваат на влезот и излезот од автопатот, а цената и понатаму ќе се пресметува според поминатото растојание.
За автомобилите до 3,5 тони ќе има два начина на користење на системот. Возачите ќе можат да продолжат да користат ENC уред или однапред да ја регистрираат регистарската табличка, која ќе ја препознаваат камерите поставени над коловозот. За тешките товарни возила ENC уредот ќе биде задолжителен.
Тоа значи дека и македонските туристи што патуваат кон Хрватска ќе треба да внимаваат на новите правила. Возилото ќе треба да биде регистрирано во системот и поврзано со важечки начин на плаќање пред влегување на автопат, доколку возачот не користи ENC. За таа цел се развиваат веб-портал и мобилна апликација.
Готовината, сепак, нема целосно да исчезне. Hrvatske autoceste појаснуваат дека повеќе нема да може да се плати директно на работник на излезната рампа, но ќе остане можност за готовинска уплата во продажните места на HAC, кај концесионерите и на други овластени локации.
Клучниот дел од системот се 212 портали кои се поставуваат над автопатите. На нив ќе има камери, сензори и комуникациска опрема кои автоматски ќе ги идентификуваат возилата. До почетокот на јуни беа поставени 53 портали, а работите во текот на летото продолжија и на автопатот Загреб – Мацељ.
Најголем број портали, 67, ќе бидат поставени на автопатот А1 Загреб – Сплит – Дубровник, еден од најфреквентните правци за туристите. На А3 ќе има 38, на А9 во Истра 23, а на А4 Загреб – Горичан 18 портали.
Проектот за воведување на системот е вреден речиси 80 милиони евра без ДДВ, а договорот за неговата изградба го доби конзорциумот на словачки SkyToll и чешки TollNet. За пошироката реализација на проектот се предвидени 130 милиони евра неповратни европски средства.
Целта е да се отстранат колоните што редовно се создаваат пред наплатните рампи, особено за време на летната туристичка сезона. Системот треба да овозможи побрзо движење, помала потрошувачка на гориво и помали емисии поради тоа што возилата нема да запираат и повторно да забрзуваат.
Патарините, значи, не се укинуваат. Се укинува досегашниот начин на нивна наплата. Од 1 март 2027 година Хрватска треба целосно да премине на електронска наплата во слободен проток на возилата.
