Милена Богојевска (51), која македонските медиуми ја идентификуваат како Македонка, е осудена на осум години затвор во Австралија за смртта на нејзината 85-годишна соседка Лолин Вајтхенд во Мелбурн. Таа нема да има право да бара условен отпуст во првите шест години од казната.
Богојевска се изјаснила за виновна за „manslaughter“, откако првично била обвинета за убиство. Според доказите изнесени пред Врховниот суд на Викторија, Вајтхенд на 12 јули 2024 година влегла во домот на Богојевска, каде била нападната, а во устата и била ставена кујнска крпа со која и бил блокиран дишниот пат.
Телото на 85-годишната жена потоа било ставено во автомобил и фрлено во реката Марибирнонг. Два дена подоцна го пронашол рибар. Судот утврдил дека телото било делумно завиткано во пластика и дека причината за смртта била комбинација од блокирање на дишните патишта и повреди од удар.
По смртта на соседката, Богојевска влегла во нејзиниот дом и однела пари, накит, банкарски картички и лични документи. Со картичката на Вајтхенд потрошила речиси 4.000 австралиски долари за чевли, електроника, ваучери и други производи.
Судијката Џасинта Форбс при изрекувањето на казната оценила дека постапките на Богојевска по смртта биле „опортунистички, пресметани, себични и нечесни“ и дека не покажала вистинско каење. Судот случајот го оценил како сериозен пример на manslaughter, кривично дело за кое во Викторија максималната казна е 25 години затвор.
Богојевска веќе поминала повеќе од две години во притвор пред изрекувањето на пресудата. Поради времето што веќе го отслужила, според австралиските медиуми најрано би можела да побара условен отпуст во 2030 година.
