Вучиќ урна рекорд: 64 телевизиски вклучувања за само 18 дена

Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ постави нов личен рекорд во телевизиско присуство. Само во првите 18 дена од август имал 64 вклучувања во живо на телевизиите во Србија, покажуваат податоците на Центарот за истражување, транспарентност и одговорност, ЦРТА.

До 11 часот на 18 август ЦРТА изброила 64 директни телевизиски настапи на Вучиќ, со што веќе е надминат неговиот претходен месечен рекорд од март 2025 година, кога имал 61 вклучување во живо. Август сè уште не е завршен, па бројката може дополнително да расте.

Само во првите 11 дена од август Вучиќ се појавил во живо 49 пати, а неговите настапи ги пренесувале 25 телевизиски канали, меѓу кои национални и јавни сервиси. ЦРТА тогаш оцени дека интензитетот на неговото медиумско присуство веќе наликува на изборна кампања, иако таа формално не е почната.

Новиот рекорд е продолжение на трендот од претходните години. Во 2025 година Вучиќ имал вкупно 411 телевизиски вклучувања во живо, наспроти 354 во 2024 и 304 во 2023 година. Просечниот настап минатата година траел околу 31 минута.

Тоа значи дека бројот на неговите директни телевизиски настапи во 2025 година бил за 16 проценти поголем од претходната година и за 35 проценти поголем отколку во 2023 година.

ЦРТА подолго време предупредува и на нерамномерната застапеност на политичките актери во српските телевизиски програми. Во мониторингот за 2024 година организацијата утврдила дека повеќе од половина од вкупното време посветено на политичките актери на анализираните телевизии му било посветено токму на Вучиќ.

Организацијата наведува дека неговото известување на телевизиите најчесто било неутрално или позитивно, додека критичкото известување било речиси отсутно. Мониторингот ги опфаќал централните информативни емисии на RTS 1, Pink, Prva, Happy и B92.

Новиот телевизиски рекорд доаѓа во период кога повторно се засилуваат шпекулациите за предвремени парламентарни избори во Србија. Вучиќ во последните денови ги посочи 18 или 25 октомври како можни изборни датуми, без засега да има официјално распишување на изборите.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?