Фондацијата „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ објави три јавни повици со кои започнува подготовката на официјалната културна програма за 2028 година. Едниот е за финансирање проекти со поддршка од 3.000 до 150.000 евра, а другите два се за избор на домашни и странски експерти кои ќе учествуваат во подготовката и оценувањето на програмата.
На повикот за проекти можат да се пријават уметници, културни организации, јавни институции, универзитети, граѓански организации, креативни професионалци, културни оператори и меѓународни партнери. Избраните проекти треба да станат дел од официјалната програма на Скопје како Европска престолнина на културата во 2028 година.
Финансирањето е поделено во три категории. Малите проекти можат да добијат од 3.000 до 9.999 евра, средните од 10.000 до 24.999 евра, а за големите проекти е предвидена поддршка од 25.000 до 150.000 евра.
За малите и средните проекти рокот за аплицирање е 60 календарски дена од објавувањето на повикот на 19 август. Големите проекти ќе се избираат во две фази. Во првата се доставува краток концепт во рок од 45 дена, по што избраните кандидати ќе бидат повикани да поднесат целосна апликација.
Проектите треба да се вклопат во една или повеќе од петте програмски линии на „Скопје 2028“ – Art4Hope, Togetherness, rECOvering, CreARTing и Heritage. При оценувањето ќе се земаат предвид уметничкиот квалитет, европската димензија, вклучувањето на граѓаните, меѓународната соработка, одржливоста и долгорочниот ефект.
Паралелно е отворен повик за домашни и меѓународни експерти за советодавна и програмска поддршка, како и посебен повик за независни евалуатори кои ќе ги оценуваат проектните предлози. Со тоа Фондацијата најавува дека сака да воспостави систем во кој проектите ќе поминуваат низ стручна и независна оценка.
За регистарот на евалуатори можат да се пријават експерти од Македонија и од странство со најмалку пет години релевантно професионално искуство и одлично познавање англиски јазик. Предност ќе имаат кандидати со искуство во европски програми, „Креативна Европа“, културна политика, меѓународна соработка и оценување грантови. Рокот за овој повик е 17 септември.
Евалуаторите ќе ги оценуваат проектите според програмската релевантност, европската димензија, уметничкиот квалитет, иновативноста, капацитетот за реализација, работата со публика, одржливоста и оправданоста на буџетот.
Повиците се објавуваат во период кога подготовките за „Скопје 2028“ се во фокусот и поради начинот на кој ќе се трошат јавните пари. Во јули до Собранието беше доставен Предлог-закон со кој за дел од проектот требаше да не се применува Законот за јавни набавки. По реакции од Антикорупциската комисија и граѓанските организации, премиерот Христијан Мицкоски на 31 јули соопшти дека предлогот е повлечен и ќе оди на јавна дебата.
За целиот проект „Скопје 2028“ се предвидени околу 21 милион евра, од кои најголемиот дел треба да бидат обезбедени од државниот буџет и од Град Скопје, додека дел од средствата се очекуваат од европски фондови.
