Исланд ќе гласа дали да ги обнови преговорите со ЕУ

Исланд в сабота, 29 август, ќе гласа на референдум кој може повторно да ја врати земјата на патот кон Европската Унија. Граѓаните нема да одлучуваат за членство, туку дали Рејкјавик треба да ги обнови прекинатите пристапни преговори со Брисел. Ако преговорите завршат успешно, конечниот договор повторно би одел на гласање пред Исланѓаните.

Референдумот доаѓа во момент кога јавното мислење е речиси поделено на половина. Според истражувањето на Галуп објавено овој месец, 46 отсто од гласачите се за продолжување на преговорите, исто толку се против, а осум отсто се неопределени. Анкета на Maskína во јули покажа нешто поголема предност за опцијата „за“, од 53 наспроти 47 отсто.

Најчувствителното прашање во кампањата не е надворешната политика, туку риболовот. Рибата и морските производи сочинуваат околу 40 отсто од исландскиот извоз, а контролата врз риболовните води со децении е едно од централните прашања на националниот суверенитет. Противниците на членството стравуваат дека заедничката рибарска политика на ЕУ ќе му одземе на Исланд дел од самостојноста при определувањето на квотите и управувањето со морските ресурси.

Исланд веќе е длабоко интегриран во европската економија преку Европската економска област, што му овозможува пристап до единствениот европски пазар без да биде членка на Унијата. Токму затоа поддржувачите на пристапувањето тврдат дека земјата веќе применува голем дел од европските правила, но нема право на глас при нивното носење.

Ова не е прв обид на Исланд да се приближи до ЕУ. Земјата поднесе барање за членство во 2009 година, по тешката финансиска криза. Преговорите беа запрени во 2013 година по доаѓањето на евроскептична влада, а две години подоцна Рејкјавик го извести Брисел дека не планира да го продолжи процесот. Новата политичка пресвртница дојде по формирањето на владината коалиција во 2024 година, која се обврза повторно да го стави прашањето пред граѓаните.

Ако победи „за“, Исланд нема автоматски да стане членка на ЕУ. Ќе продолжат преговорите таму каде што беа прекинати, при што земјата веќе има затворено 11 од 33 преговарачки поглавја. Во Брисел се проценува дека, поради високата усогласеност на Исланд со европското законодавство, преговорите би можеле да завршат релативно брзо, но риболовот и земјоделството остануваат најтешките точки. Конечниот договор би можел да биде ставен на нов референдум уште во 2028 година.

За Европската Унија резултатот има пошироко значење. Позитивен исход би донел нов импулс во политиката на проширување, во период кога на членство чекаат држави од Западен Балкан, Украина и Молдавија. Исланд, како богата и веќе силно интегрирана европска држава, во Брисел се смета за кандидат кој би можел многу побрзо да го мине пристапниот процес од повеќето сегашни кандидати.

Негативен исход, пак, би значел дека Исланд најверојатно ќе остане во сегашниот модел на односи со ЕУ уште подолг период – дел од единствениот пазар, но надвор од институциите на Унијата.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Каква тастатура користите на мобилниот телефон?