Возачите кои вечерва патуваат од Македонија кон Солун, Халкидики или солунскиот аеродром треба да сметаат на привремено затворање на дел од обиколницата и пренасочување на сообраќајот низ градските улици.
Од 23 часот вечерва, 24 август, до 5 часот утре наутро ќе биде целосно затворена делницата од внатрешната обиколница на Солун меѓу клучките К5 кај Евкарпија и К6 кај Метеора, во правец кон исток, односно кон Халкидики и аеродромот.
Причина за затворањето се градежните работи на новиот Flyover, проект кој подолго време предизвикува повремени измени во сообраќајниот режим околу Солун.
Возилата кои доаѓаат од западниот дел на обиколницата ќе бидат задолжително пренасочувани преку излезот кај Евкарпија, а потоа преку локалните сообраќајници кон булеварот Страту и кон централните делови на градот. Нема да биде дозволено ниту вклучување на обиколницата во источен правец преку рампата кај болниците.
Правецот кон Евзони останува отворен, па ограничувањето главно ќе ги погоди патниците кои од Македонија продолжуваат кон Халкидики, Солун или аеродромот.
Грчката полиција утрово информира дека сообраќајот на главните солунски сообраќајници засега се одвива нормално, а посебниот режим ќе почне во 23 часот.
