Бремена жена почина од прострелни рани во селото Кервасари кај Малишево на Косово, а нејзиниот сопруг, кој според обвинителството е осомничен за убиството, е тешко повреден и се наоѓа во критична состојба во Универзитетскиот клинички центар во Приштина.
Случајот бил пријавен во неделата, 23 август, околу 23:20 часот. Полициските екипи во спалната соба од семејната куќа ги пронашле сопружниците со прострелни рани. На двајцата им била укажана медицинска помош, по што биле пренесени во болница.
Жената била во 34. недела од бременоста. И покрај обидите за реанимација, лекарите не успеале да ја спасат и нејзината смрт била констатирана околу 1:10 часот. Сопругот останал на лекување со тешки повреди опасни по живот.
Основното обвинителство во Ѓаковица соопшти дека сопругот се третира како осомничен во случајот. По налог на обвинител телото на жртвата е испратено на обдукција во Институтот за судска медицина во Приштина.
На местото на настанот полицијата пронашла и одзела огнено оружје за кое се сомнева дека било употребено во случајот. Истрагата е отворена за „тешко убиство“ и за неовластено поседување или држење оружје.
Обвинителството и косовската полиција продолжуваат со истрагата за да се утврди точниот тек на настаните и околностите под кои биле испукани куршумите. Засега официјално не е објавен мотив.
