Соединетите Американски Држави денеска треба да претстават нов пакет економски мерки против Иран, а Техеран одговори со закана дека може целосно да го запре извозот на нафта од Персискиот Залив доколку продолжи, како што го нарекува, американскиот „економски војна“.
Американскиот министер за финансии Скот Бесент најави дека Вашингтон подготвува досега најширока финансиска офанзива против Иран, насочена не само кон иранската економија, туку и кон земјите и компаниите кои продолжуваат да тргуваат со Техеран. Деталите за новите мерки треба да бидат објавени во текот на денот.
Бесент во авторски текст за „Фајненшл тајмс“ го нарече почетокот на новите мерки „економски Ден Д“, најавувајќи дека САД ќе се обидат дополнително да го ограничат пристапот на Иран до меѓународниот финансиски систем, трговијата и приходите од нафта. Вашингтон сигнализира дека под притисок би можеле да се најдат и трговските партнери на Иран.
Одговорот од Техеран беше директен. Секретарот на иранскиот Врховен совет за национална безбедност Мохсен Резаи предупреди дека, ако економскиот притисок продолжи, Иран би можел да спречи извоз на нафта не само преку Ормускиот теснец, туку и од другите пристаништа во Персискиот Залив.
„Ако економската војна продолжи, нема да биде извезена ниту една капка нафта“, порача Резаи, додавајќи дека Техеран ќе го смета учеството на други држави во американските мерки како непријателски акт.
Заканата е чувствителна за светските пазари бидејќи Ормускиот теснец е еден од најважните коридори за транспорт на нафта и течен природен гас. Иран и натаму располага со ракети и беспилотни летала со кои може да го загрози поморскиот сообраќај во регионот, а движењето на танкерите низ теснецот веќе е значително намалено по повеќемесечниот конфликт.
Новите американски мерки доаѓаат во момент кога иранската економија е под силен притисок. Риалот денеска падна на ново историско дно од околу 2,02 милиони риали за еден американски долар на неформалниот пазар, додека земјата се соочува со висока инфлација, оштетена инфраструктура и намалена трговија.
Паралелно со заканите продолжуваат и дипломатските обиди за намалување на тензиите. Началникот на пакистанската армија Асим Мунир денеска пристигна во Техеран на разговори, а Пакистан, Катар, Турција и Оман се меѓу земјите кои се обидуваат да посредуваат меѓу Иран и САД. Последните директни разговори меѓу Вашингтон и Техеран се одржаа во јуни во Швајцарија.

