Црна Гора на чекор до финишот, ЕУ веќе го подготвува договорот за членство

Црна Гора влегува во завршната фаза од преговорите со Европската Унија, а во Брисел веќе се работи на Договорот за пристапување, документот што треба да ги утврди условите под кои земјата ќе стане полноправна членка.

Подгорица во моментов има отворено сите 33 преговарачки поглавја, а 18 од нив се привремено затворени. Последните две, за конкуренција и за царинска унија, беа затворени на 14 јули, со што Црна Гора остана најнапредната земја-кандидат во актуелниот процес на проширување на ЕУ.

Според информации на црногорска „Побједа“, кои ги пренесуваат регионалните медиуми, во Брисел се разгледува можност преостанатите 15 поглавја да бидат затворени до крајот на 2026 година, а првата верзија на Договорот за пристапување да биде подготвена уште до крајот на септември. Станува збор за информации од неименувани извори и засега нема официјална потврда од Европската комисија за таков рок.

Дека процесот навлегува во нова фаза, сепак, покажуваат и официјалните чекори на европските институции. Советот на ЕУ во мај формираше посебна работна група за подготовка на пристапниот договор, а Европската комисија во јуни го претстави финансискиот пакет со буџетските аранжмани што би важеле за Црна Гора по нејзиното членство.

Темпото на затворање поглавја значително се забрза во текот на годинава. Во јануари беше затворено поглавјето за финансиска контрола, во јуни беа затворени поглавјата за слободно движење на работниците и за заштита на потрошувачите и здравјето, а во јули следуваа конкуренцијата и царинската унија.

Подгорица дополнително го забрза исполнувањето на реформските обврски. Црногорскиот парламент на 24 август усвои уставни измени поврзани со Судскиот и Обвинителскиот совет и со независноста на Централната банка, прашања што се важни за поглавјата од областа на владеењето на правото.

Амбицијата на црногорската Влада е преговорите да бидат завршени до крајот на годинава, а земјата да стане членка на ЕУ во 2028 година. Таквото сценарио како остварливо го посочуваат и претставници на европските институции, доколку реформите продолжат со сегашното темпо.

Сепак, затворањето на сите поглавја не значи автоматско членство. По завршувањето на преговорите следува финализирање и потпишување на Договорот за пристапување, а потоа и негово ратификување од Црна Гора и од сите земји-членки на Европската Унија.

Дополнителна пречка можат да бидат и нерешените билатерални прашања со Хрватска. Загреб бара напредок околу воените злосторства, исчезнатите лица, имотно-правните спорови, морската граница и спорот околу школскиот брод „Јадран“, иако официјално продолжува да го поддржува членството на Црна Гора.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?