Поскапувањето на дизелот на 101,5 денари за литар дополнително ќе ги зголеми трошоците за производство и транспорт, а со тоа и притисокот врз цените на храната, оцени потпретседателката на СДСМ Јована Тренчевска, обвинувајќи ја Владата дека не презема мерки за заштита на стандардот.
Од денеска дизелот поскапе за 3,5 денари и се продава по максимална цена од 101,5 денари за литар. Регулаторната комисија за енергетика ги зголеми и бензините за 1,5 денар, при што ЕУРОСУПЕР БС-95 чини 93 денари, а БС-98 95 денари за литар. Новите цени се применуваат од 25 август.
Тренчевска на денешната прес-конференција тврдеше дека дизелот во изминатите шест месеци поскапел за 43 отсто и дека повисоката цена на горивото директно се одразува врз земјоделството и прехранбениот сектор.
„Над 100 денари за литар дизел значи нов ценовен удар врз секое македонско семејство. Поскапото гориво значи поскап транспорт, поскапо производство и на крај поскапа храна“, рече Тренчевска.
Според неа, дополнителен проблем е што потрошувачката кошничка се приближува до 70.000 денари, додека повисоките трошоци за гориво, семе, ѓубриво и наводнување ја влошуваат положбата на земјоделците.
Тренчевска се осврна и на протестите на производителите на пиперки поради откупните цени, оценувајќи дека Владата не ги исполнила дадените ветувања.
„Земјоделецот не живее од прес-конференциите на Мицкоски и лажните ветувања. Живее од цената на својот производ, од сигурен откуп и навремена исплата“, рече таа.
СДСМ бара Владата да обезбеди откупна цена на пиперката повисока од 50 денари за килограм, со образложение дека производствените трошоци во земјоделството се зголемени.
Според образложението на РКЕ, просечните малопродажни цени на нафтените деривати со најновата одлука се зголемени за 2,62 отсто. Кај дизелот, светската референтна цена во пресметковниот период пораснала за 4,842 отсто.

