Американски воен транспортен авион C-17A Globemaster III утрово слета на московскиот аеродром Внуково, во невообичаен лет меѓу САД и Русија чија цел засега не е објавена. Кремљ соопшти дека нема информации зошто авионот пристигнал во Москва.
Според податоците на Flightradar24, авионот со регистрација 07-7181 и повикувачки знак REACH4555 полетал од Рига околу 8:50 часот по московско време и слетал на Внуково нешто по 10 часот. Летот од Латвија до руската престолнина бил директен.
Авионот во Рига пристигнал на 23 август од областа Кемп Спрингс во Мериленд, каде што се наоѓа воената база Joint Base Andrews во близина на Вашингтон. Претходно летал и преку базите Чарлстон и Мекгваер-Дикс-Лејкхерст.
Засега нема официјални информации кој или што се наоѓало во авионот. Ројтерс наведува дека не можел независно да потврди дали C-17 превезувал патници или товар. Ниту американските власти јавно ја објавиле причината за летот.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека руските власти немаат информации за американскиот воен авион. Од Кремљ истовремено велат дека во моментов не е планирана средба со претставници на американската администрација.
Слетувањето привлече внимание бидејќи директните летови на американски воени авиони до Русија се ретки од почетокот на војната во Украина.
Последниот директен лет на авион со американска регистрација од Европа кон Русија бил во јануари годинава, кога специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер патувале во Москва на разговори со рускиот претседател Владимир Путин за Украина, наведува Ројтерс.
C-17 Globemaster III е тежок воен транспортен авион на американското воено воздухопловство кој се користи за превоз на војници, воена опрема и голем товар, но може да биде ангажиран и за логистичка поддршка при патувања на високи американски функционери.
На социјалните мрежи веќе се појавија шпекулации дека летот би можел да биде поврзан со американско-руските контакти, но засега нема официјална потврда за такво нешто. Нема објавени информации ниту колку долго авионот ќе остане на Внуково.

