Луксузните автомобили, јахтите и приказната за огромното богатство со кои Ендрју и Тристан Тејт со години го градеа својот имиџ на интернет не треба да се сфаќаат како доказ за нивната реална финансиска состојба, тврдат нивните адвокати во судски поднесок во САД.
Одбраната сега наведува дека браќата намерно се претставувале како многу побогати отколку што навистина се, бидејќи нивниот бизнис-модел зависи од вниманието на социјалните мрежи.
Според адвокатите, дел од најскапите автомобили што се појавувале во видеата на Тристан Тејт биле изнајмени. Меѓу нив се Aston Martin вреден околу 2,1 милиони долари и Bugatti автомобили кои во објавите биле претставувани како возила вредни пет и седум милиони долари.
Ниту јахтата со која браќата се фотографирале не била нивна сопственост. Одбраната тврди дека тие добиле пари за да ја промовираат на социјалните мрежи, а снимките направени на неа не треба да се толкуваат како доказ дека ја поседувале.
Адвокатите практично признаваат дека претставата за екстремно богатство била дел од внимателно изграден интернет-лик.
Во поднесокот се наведува дека колку една објава е попретерана и понеобична, толку е поголема веројатноста да добие повеќе прегледи и реакции, а со тоа и да создаде поголеми приходи.
„Накратко, тие играат улога“, е позицијата што нивната одбрана ја доставила до судот.
Оваа аргументација сега има и конкретна правна цел.
Ендрју и Тристан Тејт се наоѓаат во притвор во Флорида и бараат да бидат пуштени со кауција додека трае постапката за нивна екстрадиција во Велика Британија. Британските власти ги бараат поради повеќе обвиненија за сексуални кривични дела, кои двајцата ги негираат.
Обвинителството во САД го користи токму нивниот претходно јавно промовиран имиџ на огромно богатство како еден од аргументите дека постои ризик од бегство.
Според обвинителите, браќата располагаат со значителни финансиски ресурси и влијателни мрежи на социјалните медиуми. Во постапката биле посочувани и нивни стари објави во кои зборувале за повеќе пасоши, криптовалути и можност да го сокријат својот идентитет.
Одбраната сега возвраќа дека голем дел од тие тврдења биле интернет-хиперболи, маркетинг или шеги, а не реален приказ на нивното богатство и можностите со кои располагаат.
Така, имиџот кој со години им помагаше на браќата Тејт да изградат огромна публика и да продаваат курсеви и други онлајн производи, сега стана проблем во судницата.
Ендрју Тејт е обвинет во Велика Британија за повеќе кривични дела, меѓу кои силување, организирање или олеснување трговија со луѓе за сексуална експлоатација и други сексуални престапи. Тристан Тејт се соочува со обвиненија меѓу кои силување, сексуален напад и олеснување трговија со луѓе за сексуална експлоатација. Двајцата ги негираат обвиненијата.
Паралелно се водат и други постапки против нив, вклучително и во Романија, а Ендрју Тејт се соочува и со граѓанска постапка во Англија покрената од четири жени кои го обвинуваат за сексуално насилство. Тој ги негира и овие тврдења.
Судскиот поднесок, сепак, отвори и пошироко прашање за имиџот врз кој браќата Тејт ја изградија својата глобална популарност.
Со години богатството беше централен дел од нивната порака до милиони следбеници: суперавтомобили, часовници, приватни летови и јахти беа прикажувани како доказ дека нивниот животен стил и деловна филозофија функционираат.
Сега нивните сопствени адвокати тврдат дека барем значаен дел од таа слика бил сценографија создадена за кликови.

