Финансиска полиција ја проверува продажбата на „Наша ТВ“ и РФМ на српската „Ало“

Управата за финансиска полиција отвори предмет и ги проверува информациите за можен влез на сомнителен капитал во македонскиот медиумски простор, додека постапката за промена на сопственоста на „Наша ТВ“ и Радио РФМ сè уште не е завршена.

Од Финансиската полиција за „Фокус“ потврдиле дека ги испитуваат наводите што во јавноста ги изнесе СДСМ за купување македонски медиуми од српски компании. Според истиот извор, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ја запрела постапката за промена на сопственичката структура на една телевизија и едно радио додека траат институционалните проверки.

„Управата за финансиска полиција постапува по предмет и ги испитува сите индиции и информации кои беа изнесени во јавноста“, велат од институцијата, додавајќи дека се преземаат дејствија за утврдување на сите релевантни факти и околности.

Името на медиумите не е официјално наведено во оваа изјава, но „Фокус“ објавува дека станува збор за „Наша ТВ“ и Радио РФМ.

Купувач треба да биде српската „Ало Медиа Систем“, која преку новоформираната компанија „Ало Медиа Систем ДООЕЛ Скопје“ планира да стекне контрола врз двата македонски медиума. Комисијата за заштита на конкуренцијата уште на 7 јули ги објави известувањата за двете концентрации, а на 22 јули донесе одлуки за нив.

Сепак, одобрението од Комисијата за заштита на конкуренцијата не значи автоматски и дозвола за промена на сопственичката структура на радиодифузерите. За тоа посебно одлучува АВМУ.

„Наша ТВ“ и РФМ на 29 јуни доставиле барања до АВМУ за промена на сопственоста. На 28 јули Советот на Агенцијата официјално го продолжи рокот за одлучување за дополнителни 30 дена, со образложение дека е потребно целосно да се утврдат фактите и околностите.

На последната објавена седница на Советот на АВМУ од 25 август, барањата за „Наша ТВ“ и РФМ не се најдоа на дневниот ред.

Актуелниот сопственик на двата медиума Ристо Гоговски претходно потврди дека со српската групација е потпишано писмо за намери, но дека трансакцијата зависи од одлуките на надлежните институции. Вредноста на потенцијалната продажба не е јавно објавена.

„Ало Медиа Систем Скопје“ е новооснована компанија создадена за реализација на трансакцијата и, според документацијата доставена до Комисијата за заштита на конкуренцијата, пред купувањето немала деловни активности ниту приходи.

Зад српската „Ало“ стои бизнисменот Саша Благојевиќ. Неговото медиумско портфолио во Србија ги вклучува дневниот весник и порталот „Ало“, а во последните години го прошири присуството и во други телевизиски и интернет-медиуми. Дел од нив во српската јавност се препознаваат како медиуми со силно провладина уредувачка политика.

Засега нема утврдена незаконитост во планираната трансакција. Отворањето предмет од Финансиската полиција значи дека се проверуваат јавно изнесените сомнежи, а не дека тие веќе се потврдени.

Прашањето дали „Наша ТВ“ и РФМ ќе преминат во сопственост на српската групација затоа останува отворено до конечната одлука на АВМУ и завршувањето на институционалните проверки.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?