Тешка ноќ за Македонија, 31 пожар за 24 часа

Македонија

Вкупно 31 пожар на отворен простор бил регистриран во Македонија во изминатото деноноќие, од 28 август до утрово во 7:30 часот. Пет пожари сè уште се активни, еден е ставен под контрола, а 25 се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи.

Најсериозна останува состојбата на потегот меѓу општините Студеничани и Зелениково, каде гори мешана шума од село Моране преку Вртекица и Рамни Габер, со крак кон Палиград и во правец на Преслап.

Активен е и пожарот кај Копаница во Општина Сарај. Огнот се шири кон Радуша и зафаќа ниска вегетација и шума.

Во Општина Чашка гори над селото Нежилово, кај месноста Сватови, каде се зафатени ниска вегетација и поединечни дрвја.

Пожар има и кај селото Копанце во Општина Јегуновце, каде гори мешана шума, како и во атарот на прилепското село Црнилиште, каде огнот зафатил ниска вегетација и шума.

Под контрола е големиот пожар што започнал кај селото Трново во Гостиварско и се проширил кон Битово, Заград и Страјане во Општина Македонски Брод. Таму гореле нискостеблеста шума, пасишта, папрат и ниска вегетација.

Во текот на ноќта пожарникарските и останатите екипи успеале да изгаснат 25 пожари. Огнови имало во Струмичко, Охридско, Прилепско, Штипско, Тетовско, Гостиварско, Делчевско, Беровско и во други општини.

Меѓу изгаснатите пожари имало запалена ниска вегетација, шума, стрништа, отпад и диви депонии, како и пожар во дворно место.

Само вчера до 18 часот ЦУК регистрираше осум активни пожари и три под контрола, што покажува дека во текот на ноќта дел од жариштата биле локализирани или целосно изгаснати.

ЦУК продолжува да ја следи состојбата и апелира на внимателност поради високата опасност од брзо ширење на пожарите на отворен простор, особено при високи температури и засилен ветер.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали вашето семејство приготвува ајвар?