Навистина мислев дека оваа “дилема” дали сте за Русија или за Америка е многу одамна затворено прашање, но очигледно некој како да е платен да ја отвора.
И тоа секогаш кога е Македонија пред историска одлука.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
“Во политички партии има луѓе кои се врзани со руските служби“, вели претседателот на државата. И тоа не е прв пат да се слушне од него.
Ако е така, крајно време е претседателот Пендаровски да каже кои се тие политички партии што се под руско влијание, затоа што Македонија е на распаќе, дали ќе продолжи по европскиот пат или овие сили сакаат да ја одвлечкаат на исток во руска прегратка.
Не е прифатливо објаснувањето дека “во јавноста не може да се сподели информација за имињата на оние кои се поврзуваат со руските служби, бидејќи тоа се сензитивни работи”.
Ако станува збор за сензитивни работи, како што тврди Пендаровски, дотолку повеќе граѓаните треба да знаат кои се тие луѓе што во јавноста шират антиевропска пропаганда.
Ако безбедосните служби тоа го знаат, а не преземаат ништо, стануваат соучесници во лагите што им се презентираат на граѓаните.
Дека не станува збор за маргиналци, говори фактот што сме сведоци на тотална анти кампања за уставните измени во јавниот дискурс.
Залудни се постојаните јавни предупредувања од т.н. хибридни закани ако тие не добијат јасен препознатлив лик.
Владата има обврска да каже дека овие политчки сили, кои јавно се декларираат за проруски, не се единствените што сакаат да ја закочат европската перспектива на македонските граѓани. Туку во нив спаѓаат и оние кои или не прават ништо или пак ги убедуваат граѓаните дека можеме сами да опстоиме.
Тие, избегнувајќи да одговорат на прашањата што тие ќе направат за Македонија да продолжи со дијалогот со ЕУ, свесно го расчистуваат просторот за влез на руско влијание во геостратешкиот интерес на земјата.
Навистина е чуден односот на некои политички субјекти да ја оддалечува земјата од сите меѓународни сојузници кои сме ги стекнале или допрва сакаме да ги придобиеме. Тоа имплицира заклучок дека се бара нивна замена и нов сојузник.
На македонската политичка сцена отворена анти НАТО и антиевропска идеолошка матрица пројавува Левица. Но, станува се повеќе јасно дека и на Мицкоски заедно со целото сегашно раководство на ВМРО-ДПМНЕ, ЕУ не им е опција. За жал идеолошки се стопуваат со Левица.
Тогаш можеби е време посериозно да ги сфатиме пораките што ни ги упати американскиот сенатор Крис Марфи дека неизгласувањето на уставните измени би претставувало загрижувачки чекор во односите меѓу Северна Македонија и САД и
дека САД мора да знаат по кој пат оди државата. Дали сме тргнале в лево или в десно.
Тоа значи дека за нив, отстапувањето од европските интеграции е безбедносно прашање и веројатно така и ќе се постават кон нас-одбранбено.
Дали тоа и треба на Македонија!
Навистина мислев дека оваа “дилема” дали сте за Русија или за Америка е многу одамна затворено прашање, но очигледно некој како да е платен да ја отвора.
И тоа секогаш кога е Македонија пред историска одлука.