Само еден полициски билтен, осум пријави за насилство

Напад во четири часот наутро, закани со остар предмет, повреди, полов напад и насилство меѓу членови на семејства. Во извадокот од полициските настани објавен на 6 септември може да се избројат осум одделни пријавени случаи во кои се појавуваат елементи на партнерско или семејно насилство.

Еден од случаите се однесува на 19-годишна девојка од Скопје, која го пријавила својот 20-годишен поранешен партнер.

Според нејзината пријава, околу четири часот наутро тој физички ја нападнал во нејзиниот дом на подрачјето на Ѓорче Петров, ѝ одзел пари од чантата и ѝ упатил закани.

Со 20-годишникот бил извршен службен разговор во Полициската станица Ѓорче Петров. МВР не соопшти дека бил лишен од слобода. Полицијата најави дека по целосното документирање на настанот ќе следува соодветен поднесок.

Но, ова не е единствената ваква пријава опфатена во истиот полициски билтен.

Во Кавадарци бил приведен 40-годишен маж по пријава дека ја нападнал својата 33-годишна сопруга, со која бил во бракоразводна постапка, и ѝ се заканувал со остар предмет. За случајот биле известени јавен обвинител и Центарот за социјални работи.

Во Штип бил приведен 23-годишник по пријава за семејно насилство врз неговата 24-годишна сопруга. Повредите на жената биле констатирани во Клиничката болница во Штип.

Два од пријавените случаи се од гостиварскиот регион. Во едниот, 40-годишна жена пријавила дека била физички и полово нападната од својот вонбрачен партнер. Во другиот, 49-годишна жена пријавила дека нејзиниот сопруг ја нападнал физички и со стаклен предмет. Во двата случаја полицијата ги лишила од слобода пријавените лица.

Во Куманово, 48-годишна жена пријавила дека во семејната куќа била нападната од својот син и снаата. На подрачјето на Гази Баба, пак, жена пријавила дека таа и нејзиниот поранешен сопруг биле нападнати од нивниот малолетен син, кој искршил и дел од покуќнината.

Уште една 48-годишна скопјанка пријавила дека сопругот ја нападнал со тврд предмет, ѝ го оштетил мобилниот телефон и ѝ се заканувал со остар предмет.

Станува збор за наводи содржани во полициски пријави, а не за правосилно утврдена вина. За дел од случаите МВР најави соодветни поднесоци, додека за останатите сè уште се преземаат мерки за утврдување на околностите.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дата центри - дали сте информирани, дали поддржувате?