Убиството во Дуќанџик доби пресврт, како затвореник се нашол на слобода?

Убиството во Дуќанџик, во кое 26 годишниот А.М. беше застрелан во неделата околу 23.30 часот, доби нов пресврт откако министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека еден од учесниците во нападот издржува затворска казна. МВР и Јавното обвинителство сега треба да утврдат како лицето се нашло надвор од затворот и каква била неговата улога во вооружениот напад.

Според информациите од МВР, петмина скопјани стоеле пред излог на фирма во близина на раскрсницата меѓу улиците „Прохор Пчински“ и „Војдан Чернодрински“, кога пристигнал мотоцикл со две лица. Напаѓачите пукале кон групата и веднаш избегале.

Еден од проектилите го погодил А.М., кој бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што им подлегнал на повредите.

Тошковски изјави дека полицијата има првични информации за сторителите и обезбедени докази, но не откри детали за нивниот идентитет и за можниот мотив. Тој изрази очекување дека лицата наскоро ќе бидат пронајдени и изведени пред лицето на правдата.

Министерот потврди дека еден од учесниците во кривичниот настан претходно бил уапсен од МВР и во моментот издржува затворска казна. Сепак, не прецизира дали лицето било пуштено на отсуство, привремено ослободено или на друг начин се нашло надвор од затворот.

Токму овој дел отвора сериозни прашања за контролата во казнено поправниот систем. Не е соопштено во кој затвор ја издржувало казната лицето, за кое дело било осудено, кој го одобрил неговото излегување и дали ги почитувало условите под кои евентуално било пуштено.

Тошковски ги отфрли споредбите со „Дивиот Запад“, тврдејќи дека бројот на насилни кривични дела, особено оние поврзани со организирани криминални групи, е драстично намален во однос на претходните години. Истовремено, призна дека ваквите инциденти остануваат загрижувачки и за безбедноста на граѓаните и за работата на полицијата.

Според првичните сознанија што ги изнесе министерот, нападот не бил пресметка на организирани криминални групи за превласт на територија. Мотивот сè уште не е официјално утврден, а МВР и Јавното обвинителство продолжуваат со прибирање докази и потрага по сторителите.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?