Ако „премалку сме да се делиме“, тогаш зошто Денот на независноста не беше можност да се покаже дека политичките разлики можат да останат зад вратите на една државна свеченост?
Зоран БОЈАРОВСКИ
На Денот на независноста нема „наши“ и „ваши“ граѓани, нема „наша“ и „ваша“ Македонија, ниту независноста може да се присвојува како политичка сопственост на една генерација или една партија.
Токму затоа е, најмалку несоодветно, ако не и нешто повеќе од несоодветно, што на свеченото одбележување на 35-годишнината од независноста, организирано пред Владата, не беа поканети поранешни премиери и претседателот на државата од претходниот мандат.
За тоа разговарав со повеќемина од поранешните премиери и со претходниот претседател Стево Пендаровски. Повеќето од нив директно ми потврдија дека не добиле покана да присуствуваат на свеченоста.
Од поранешните премиери со кои контактирав, тоа го потврдија Владо Бучковски, Зоран Заев, Оливер Спасовски и Димитар Ковачевски. Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски во моментот е во САД и Канада и не одговори на пораката, најверојатно поради временската разлика.
И Стево Пендаровски потврди дека не добил покана. Одби да ја коментира одлуката, со образложение дека нема што да ги коментира политиките на актуелната влада.
На свеченоста ја немаше ниту актуелната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова. Не знаеме дали добила покана или не. Едноставно – ја немаше.
Така, на свеченоста за 35 години независност, чија единствена суштинска содржина беше говорот на актуелниот премиер Христијан Мицкоски, ги немаше дел од луѓето кои во различни периоди ја воделе државата.
И тука протоколот престанува да биде само протокол.
Кој има право на 8 Септември?
Ова не е прашање дали Владо Бучковски, Зоран Заев, Оливер Спасовски или Димитар Ковачевски се политички прифатливи или не. Не е ниту прашање дали нивните политики треба да бидат пофалени или критикувани.
Прашањето е многу поголемо: дали државниот празник треба да биде место за политичко пребројување или место на кое државата ја покажува сопствената историска меморија?
На 8 Септември не славиме изборен резултат. Не славиме победа на една партија над друга. Не славиме мандат на една влада.
Славиме држава.
А таа држава не започна со актуелната влада, ниту ќе заврши со неа.
Независноста е резултат на една историска генерација која ја донесе одлуката во 1991 година, но нејзиното градење продолжи низ сите влади, парламенти, претседатели, институции и генерации граѓани што дојдоа потоа.
Затоа присуството на поранешните носители на највисоките државни функции на ваков јубилеј не е нивна лична привилегија. Тоа е симбол на институционалниот континуитет на државата.

Интересно е што ова доаѓа токму по говорот за „неподелена Македонија“
Контрастот станува уште поинтересен ако се спореди со говорот што Мицкоски го одржа на истиот настан.
Премиерот порача:
„И не постои ваша и наша татковина, ваш и наш премиер, ваша и наша влада, ваша и наша историја. Има само една татковина, еден сон, една борба. Една идеја. Само една и единствена Македонија. И премалку сме да се делиме!“
Тоа е силна порака.
Но државничките пораки не се мерат само според тоа колку убаво звучат во говорница. Тие се мерат и според институционалното однесување.
Ако навистина „нема ваша и наша татковина“, тогаш логичното прашање е: зошто на државниот празник нема место за оние кои во различни периоди ја претставувале истата таа татковина?
Ако „премалку сме да се делиме“, тогаш зошто Денот на независноста не беше можност да се покаже дека политичките разлики можат да останат зад вратите на една државна свеченост?
Токму во вакви моменти протоколот станува политичка порака.
Бучковски потсетува на нешто што денес изгледа речиси незамисливо
Поранешниот премиер Владо Бучковски има интересна споредба.
„Дури и протоколот на Никола Груевски, поранешниот премиер од партијата ВМРО-ДПМНЕ, имаше респект за поранешните премиери. Во 2011 година организираше специјална средба на премиерите во пресрет на 20 години независност, на 7 септември 2011 година“, вели Бучковски.
Ете, тоа е сликата. Токму тоа е сликата.
Не затоа што треба романтизира таа постапка на Груевски. Имаме мислење за неговото владеење. Дури и пповеќе: ниту една претходна влада не треба да биде лишена од политичка критика. Напротив.
Туку затоа што државата има меморија подолга од мандатот на која било влада.
Во 2011 година, во време на политички остри поделби, можело да се најде простор за поранешните премиери на 20-годишнината од независноста.
Да се сетиме дека на свечената церемонија кога пред Владата на 12 февруари 2019 година, беше подигнато знамето на НАТО беа присутни голем број поранешни функционери и премиери. Не беше присутен врвот на ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Ѓорге Иванов, но добија покани, а одлуката да не дојдат на настанот беше нивна.
На 35-годишнината, во време кога актуелниот премиер зборува дека „премалку сме да се делиме“, таквиот простор очигледно не бил предвиден.

Независноста не е сопственост на партиските логоа
Најголемата опасност од ваквиот пристап не е во тоа што некој поранешен премиер не присуствувал на една свеченост.
Тоа е најмалку важно.
Проблемот е што испраќа државата како порака за сопствениот однос кон своето минато.
Доколку секоја нова власт ги присвојува државните празници според сопствениот политички календар, тогаш со секоја промена на власта ќе се менува и списокот на оние кои се сметаат за „достојни“ да стојат на државната сцена.
А тоа е спротивно на самата идеја за држава.
Зашто независноста не е дело на ВМРО-ДПМНЕ.
Не е дело на СДСМ.
Не е дело на ЛДП, ДУИ или на која било друга партија.
Таа е дело на граѓаните кои во 1991 година гласаа на референдумот, на политичарите кои ја презедоа одговорноста за создавањето на државата, на оние кои ги градеа институциите, на оние кои ја водеа низ кризи, конфликти, компромиси и стратешки одлуки.
И на сите граѓани кои овие 35 години ја живеат таа независност.
Празникот мора да биде поголем од моменталната власт
Токму затоа 8 Септември треба да биде еден од ретките денови во годината кога политичката власт може да покаже дека разбира една едноставна демократска вистина:
Владите се менуваат. Државата останува. Премиерите доаѓаат и си заминуваат. Претседателите доаѓаат и си заминуваат. Партиските логоа се менуваат.
Но државата треба да остане.
А кога државата слави 35 години независност, тогаш не е логично да се поставува прашањето кој бил на власт кога бил донесен некој закон, кој потпишал некој договор или кој победил на некои избори.
Тогаш треба да се постави едно многу поедноставно прашање: Што нè обединува?
Одговорот би требало да биде токму она што го кажа Мицкоски: „Само една и единствена Македонија“.
Но ако тоа навистина е пораката, тогаш следниот 8 Септември би требало да изгледа поинаку.
На државната свеченост да има место за оние кои денес се на власт, но и за оние кои вчера биле на власт.
За оние со кои се согласуваме, но и за оние со кои жестоко не се согласуваме.
Не затоа што треба да им се додели признание.
Туку затоа што државниот празник не е партиски плен.
И можеби токму тоа е најважната лекција за 35 години независност: ако сакаме Македонија да биде држава на сите, тогаш и нејзините празници мора да бидат празници на сите.
Инаку, „премалку сме да се делиме“ ќе остане само реченица од говор.
А државништвото се докажува со постапките, а не со говори.

