Параглајдинг туризмот расте, Крушево треба да ја прошири туристичката понуда

Крушево

Градот Крушево преку разновидна туристичка понуда треба да го следи развојот на спортскиот авантуристички туризам преку параглајдерството. Местото годишно го посетуваат околу 5.000 лица учесници во натпреварите во параглајдинг, а градот сè уште е со две-три кафеани и истата понуда, вели Горан Димишковски, претседател на Светскиот параглајдинг куп.

„Градот како средина не го следи трендот. Во Крушево има две-три кафеани каде што може да се јаде. По три дена, од тука гостите параглајдери одат во Прилеп, Битола, Охрид… се троши гориво затоа што во градот нема доволно понуда за активности. Сѐ е подобро, хотелите, услугите, но тоа подобро е 3 проценти, а местото како параглајдинг дестинација напреднало за 103 проценти“, вели Димишковски.

Тој додава дека по двете нови полетишта што беа ставени во функција деновиве, Центарот за параглајдинг има три стартни позиции, но смета дека е неопходно да се направи и горниот старт, кој го покрива теренот од западната страна. 

„Крушево сега е во добра позиција, но тоа што треба да се направи под итно е горниот старт што гледа на запад. Сега имаме три старта и сите гледаат на иста страна, и тоа е добро за да се намали метежот, да има повеќе натпревари и одлично се направени. За нас е голем успех. Технички се по светски стандарди, но покриваат одредена ориентација. Горниот старт кај хелиодромот, кој гледа на спротивната страна, засега е буниште, можеме да го користиме со многубројни импровизации. Следниот чекор треба да биде тој да се направи“, додава Димишковски.

Бил Хлуз, претседател на Комисијата за параглајдерство и змајарство при Меѓународната аеронаутичка федерација, вели дека Крушево е светска дестинација за параглајдерство, а двете нови полетишта имаат потенцијал да бидат на врвот на светот. Но, да не заборавиме, додава тој, пилотите летаат четири до пет часа дневно, некогаш времето не е добро и не може да се лета, па треба да се најдат решенија како да се помине времето.

Градоначалникот на Крушево Нико Чонески вели дека како Општина целосно се посветени на создавање можности за развој. Со поддршка на Европската Унија  преку проекти овозможуваат конкретни партнерства, нови инвестиции и услови за одржлив развој со посебен фокус на локалните заедници.

„Вложуваме во идниот развој на Крушево каде што природниот потенцијал се претвора во конкретна развојна можност за градот и за неговите жители“, вели Чонески.

Покрај новите полетишта финансирани со пари од ЕУ, предвидено е и подобрување на спортско-рекреативниот центар „Гумење“, со нови пешачки патеки, осветлување, уредување на спортските терени и простор за настани и фестивали. Токму тоа е она што, според луѓето од параглајдингот, му недостига на Крушево – повеќе содржини за времето кога пилотите не се во воздух.

Ж. З.

*Веста е преземена од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?