И денес „талог“ во речникот на премиерот: Мицкоски ја заостри реториката

И денес „талог“ се најде во речникот на премиерот Христијан Мицкоски. Одговарајќи на реакциите по својот говор за Денот на независноста, тој во Штип порача дека „талогот“ не смее да ја победи елитата и дека мора да биде победен, но повторно не прецизираше кои луѓе ги опфаќа со оваа квалификација.

„Жалам што СДСМ се препознава во талогот, но јас многу прецизно реков дека талогот не смее да ја победи елитата“, изјави Мицкоски при пуштањето во употреба на спортската сала „Џексон“.

Според премиерот, ако „талогот“ ја победи елитата и самиот стане елита, тогаш вистинската елита ќе ја напушти државата. Тој додаде дека токму затоа „мора да го победиме талогот“.

Со денешната изјава Мицкоски не ја затвори полемиката, туку дополнително ја заостри. Опозицијата ја обвини дека навредува, измислува и клевети, порачувајќи дека СДСМ може да продолжи да тоне во своето „политичко мочуриште“, додека Владата ќе продолжела да испорачува резултати.

Новата изјава доаѓа еден ден по говорот на Мицкоски за 8 Септември, во кој повика на национално единство, но повторно зборуваше за поделбата меѓу „талогот“ и „вистинската елита“.

„Ако го наградува талогот, тогаш талогот неизбежно ќе стане елита. А држава во која талогот станува елита е држава од која вистинската елита си заминува“, рече Мицкоски во празничното обраќање. Истиот говор го заврши со пораката дека има само една Македонија и дека сме премалку за да се делиме.

Зборот „талог“ веќе станува препознатлив дел од политичкиот речник на премиерот. Мицкоски го употреби и во говорот за Илинден, кога зборуваше за „талог на неуспеси, цинизам и омраза“, по што следуваше остра размена на обвинувања меѓу власта и опозицијата.

СДСМ тврди дека ваквата реторика е насочена кон граѓаните, опозицијата, медиумите и критичарите на Владата. Мицкоски одговара дека не го нарекол народот „талог“, туку дека опозициската партија самата се препознала во неговите зборови.

Кој е талогот? Одговорот останува политички нејасен, бидејќи премиерот зборува за група што треба да биде победена, без да посочи конкретни лица, постапки или критериуми според кои некој станува дел од неа.

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Ќе огрее ли сонцето во Македонија после 35 години независност?