Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска во Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип разговараше со раководството и професорите за можностите за посилно поврзување на науката, институциите и економијата во развојот на енергетскиот и минералниот сектор.
На средбата биле отворени повеќе теми, меѓу кои изработка на каталог на минерални суровини, развој на нови истражувачки капацитети, поголем фокус на критичните минерали и можностите за промоција и истражување на македонскиот рубин.
Од Министерството посочуваат дека соработката со академската заедница треба да придонесе за подобро користење на научните капацитети и за создавање политики засновани на релевантни истражувања и податоци.
Посебен акцент бил ставен на критичните минерали, кои имаат сè поголемо значење за енергетската транзиција, индустријата и новите технологии.
Божиновска нагласила дека институциите и универзитетите треба да работат координирано ако Македонија сака посилен и поконкурентен минерален сектор.
Во рамките на разговорите било посочено и значењето на создавање современи истражувачки капацитети кои ќе овозможат подобро мапирање на домашните минерални ресурси и нивниот потенцијал.
Меѓу темите на средбата бил и македонскиот рубин, како специфична минерална суровина со потенцијал за дополнителна научна, економска и промотивна валоризација.

