Стевчо Јакимовски и натаму е во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари, иако Врховниот суд ја укина правосилната пресуда против него и предметот го врати на повторно судење. Причината е што одлуката сè уште не е доставена во писмена форма до сите страни во постапката.
Неговиот адвокат Виктор Цветковски за „Либертас“ изјави дека засега располагаат само со соопштението објавено на интернет-страницата на Врховниот суд.
„Сè додека сите страни во постапката не добијат писмена одлука, вклучувајќи го и КПУ Скопје, Јакимовски ќе остане во затвор“, изјави Цветковски.
Врховниот суд на седница одржана на 9 септември го уважи барањето на Јакимовски за вонредно преиспитување на правосилната пресуда. Со одлуката се укинати пресудата на Основниот кривичен суд Скопје од 23 април 2025 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје од 15 мај 2026 година. Предметот е вратен на првостепениот суд на повторно постапување и одлучување.
Јакимовски беше правосилно осуден на една година затвор за бесправно градење во предметот поврзан со изградбата на општинската зграда во Карпош. Апелација претходно ја потврди затворската казна во овој дел од предметот, додека делот за злоупотреба на службената положба беше вратен на повторно судење.
Во јули тој започна со издржување на казната во затворот во Шуто Оризари. Претходно неговото влегување во затвор беше одложено поради барање поврзано со здравствената состојба.
По укинувањето на пресудата, повторното судење треба да започне пред Основниот кривичен суд Скопје. До формалното доставување на одлуката, Јакимовски останува во затвор.

