Министерството за правда подготви измени на Законот за лобирање со кои треба да се воведат појасни правила, поголема транспарентност и построга контрола врз влијанието при креирањето и спроведувањето на јавните политики. Предлог-законот е објавен на ЕНЕР и е во постапка на јавна консултација.
Со измените значително се проширува опфатот на тоа што ќе се смета за лобирање. Правилата нема да се однесуваат само на донесувањето закони и други прописи, туку и на нивното изменување, спроведување и евалуација.
Министерството најавува и попрецизни правила за застапување на јавниот интерес, како и механизми за спречување прикриено и недозволено лобирање.
Посебно се опфаќа влијанието што може да се врши преку дигитални канали и социјални мрежи, со цел и ваквите форми на комуникација со носителите на јавни одлуки да бидат регулирани.
Нови обврски се предвидуваат и за институциите и функционерите кај кои се лобира. Тие ќе треба да постапуваат според утврдени правила при контактите со лобисти, а се планира и објавување повеќе информации за учесниците во процесот, интересите што ги застапуваат, иницијативите и одржаните официјални средби.
Со законските измени треба да се зајакнат и надзорот и контролата што ги врши Државната комисија за спречување на корупцијата.
Предвидени се и нови и повисоки прекршочни санкции за непочитување на законските обврски.
Од Министерството за правда велат дека целта е лобирањето да биде јасно препознаено како легитимен и транспарентен начин за учество во креирањето јавни политики, но истовремено да се спречи прикриено или недозволено влијание врз одлуките на институциите.
Предлогот допрва треба да ја помине законската процедура пред евентуално да биде усвоен и да стапи во сила.

