Мицкоски во Вашингтон по американски инвестиции, Криволак дел од понудата

Премиерот Христијан Мицкоски денеска со владина делегација заминува во САД, каде се најавени средби со претставници на Сенатот, Конгресот, Стејт департментот и американската финансиска институција DFC. Во фокусот ќе бидат можни инвестиции во енергетиката, напредните технологии и воената индустрија.

Мицкоски најави дека во Вашингтон ќе разговара со DFC за нови проекти, откако институцијата веќе е присутна во Македонија преку инвестицијата во проектот „Крстодол“, познат и како „Антимон“.

„Од нивна страна има интерес и за други проекти во делот на енергетиката и напредната технологија, така што сакам подлабоко да ги понудиме нашите капацитети“, рече Мицкоски.

Дел од разговорите ќе бидат насочени и кон привлекување американски компании од воената индустрија. Во тој контекст, премиерот го посочи армискиот полигон Криволак како еден од капацитетите што Владата сака да ги понуди.

Мицкоски информираше дека со Министерството за одбрана се подготвува нов закон кој треба да овозможи пошироко користење на Криволак за воени тренинзи и активности поврзани со одбранбената индустрија. Според него, ваквите инвестиции би можеле да придонесат за побрз економски раст.

Во Вашингтон се предвидени и средби со влијателни тинк-тенк организации, по што владината делегација ќе отпатува во Њујорк.

Таму Мицкоски ќе учествува на Генералното собрание на Обединетите нации и најави повеќе билатерални средби со државници, меѓу кои и обиди за разговори со претставници на земјите од Заливот.

Предвиден е и прием организиран од американскиот претседател. Мицкоски изјави дека засега не е планирана посебна средба со бугарската делегација.

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали здравите односи, личните граници и репродуктивното здравје треба да се учат во училиште?