Портпаролката на СДСМ и членка на Извршниот одбор на партијата, Богданка Кузеска, обвини дека 18 месеци по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 63 лица, а 193 беа повредени, сè уште нема целосна и неселективна одговорност.
На прес-конференција, Кузеска оцени дека судството е под политичка контрола на премиерот Христијан Мицкоски и дека, како што рече, се одолжуваат постапките и се штитат лица поврзани со случајот.
„Правдата за Кочани се топи пред очите на јавноста. Заробеното судство кое е под целосна контрола на Мицкоски ги штити своите, а жртвите и нивните семејства ги остава без одговори и без правда“, изјави Кузеска.
Таа тврдеше дека власта врши притисок врз полицијата, обвинителството и судството и го обвини Мицкоски дека јавно ги дискредитира обвинителите и влијае врз изборот и работата на носителите на правосудни функции.
Според Кузеска, наместо брза и неселективна одговорност за трагедијата, јавноста гледа одолжување на постапките и можност за ослободување на лица поврзани со случајот.
Таа го спомена и случајот со лицето познато како „Газда Деко“, тврдејќи дека и тој е пред можност да излезе на слобода.
Кузеска потсети и на претходната изјава на Мицкоски дека ќе се повлече од политиката доколку се докаже поврзаност на обезбедувањето во „Пулс“ со ВМРО-ДПМНЕ, порачувајќи дека, според СДСМ, таква политичка одговорност досега нема.
Во продолжение на прес-конференцијата таа изнесе и повеќе други обвинувања за постапувањето на институциите во случаи поврзани со поранешни функционери, тендери, запленета дрога, загадување и други настани, оценувајќи дека станува збор за поширок систем на селективна правда.
Од СДСМ порачаа дека остануваат на страната на семејствата на загинатите и на повредените во трагедијата во Кочани и побараа одговорност за секој што дозволил, овозможил или прикривал незаконско работење во дискотеката „Пулс“.
„Правдата за Кочани не смее да се разводни, не смее да се одложува и не смее да истече“, порача Кузеска.

