Државната комисија за спречување на корупцијата по сопствена иницијатива ќе оформи предмет по допрен глас за начинот на кој била финансирана прославата на 35 години од независноста на Македонија, во која значителен дел од средствата биле обезбедени преку Државна лотарија.
ДКСК треба да ја утврдува фактичката состојба околу финансирањето и постапките поврзани со организацијата на настаните, по што одлуката ќе биде донесена на јавна седница.
Владата претходно соопшти дека целата прослава чинела околу 340 милиони денари, односно приближно 5,53 милиони евра. Од нив, 300 милиони денари биле обезбедени од нераспределената добивка на Државна лотарија за 2024 година, а околу 40 милиони денари од приватни компании.
Антикорупциска ќе го разгледува и составот на надворешната комисија која ја оценувала програмата доставена од компанијата „Стардаст“, избрана за реализација на настаните. Според објавените информации, претседател на комисијата бил Николче Мицевски, кој подоцна бил ангажиран како автор на оркестрациите за настапот на Хосе Карерас.
Едно од прашањата што се отвора е и дали Собранието на акционери на Државна лотарија донело соодветна одлука за издвојување на 300 милиони денари од нераспределената добивка. Владата претходно информираше дека на Лотарија ѝ било укажано да ги обезбеди средствата и да распише јавен повик за реализација на настаните.
Прославата изминатите денови предизвика политички реакции, а СДСМ побара Јавното обвинителство да ја испита документацијата, договорите и текот на парите. Од Владата, пак, тврдат дека не станува збор за средства директно издвоени од државниот буџет, туку за добивка на Државна лотарија и средства од компании.

