Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, го обвини директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, Петар Гајдов, дека фалсификувал службена документација за да биде запрена прекршочна постапка поврзана со владината портпаролка Марија Митева.
Во обраќање во Собранието, Спасовски тврдеше дека постојат временски нелогичности во документацијата на Прекршочната комисија на Агенцијата, со која во тој период претседавал Гајдов.
Според Спасовски, постапката се однесувала на тоа што Митева, како службено лице за посредување со информации од јавен карактер во ВМРО-ДПМНЕ, наводно не подготвила и не доставила законски предвиден извештај до Агенцијата.
Тој наведе дека на 24 јули 2025 година Комисијата ја известила Митева дека во рок од три дена може да се изјасни за фактите и доказите поврзани со наводниот прекршок. Меѓутоа, како што тврди Спасовски, во записник од седница одржана три дена претходно веќе било наведено дека постапката во нејзиниот предмет ќе биде запрена.
„На 21-ви наведувате дека постапката ќе се запре, а на 24 јули ја започнувате постапката за да утврдите дали таа треба да се запре“, рече Спасовски, оценувајќи дека ова отвора сериозни сомнежи во веродостојноста на документацијата.
Тој дополнително тврдеше дека во записникот било наведено оти на седницата присуствувале сите тројца членови на Комисијата – Петар Гајдов, Василка Поп-Ѓорѓиева и Инџи Џоџа – иако, според него, другите двајца членови дале изјави дека не биле присутни.
Спасовски го проблематизираше и начинот на кој Гајдов се изјаснувал за својата етничка припадност. Според документите што ги презентираше пратеникот, при вработувањето во Агенцијата на работно место предвидено за припадник на албанската заедница, Гајдов бил избран како Албанец, додека пред кандидатурата за директор приложил нотарски заверена изјава дека се чувствува како Македонец.
Спасовски нагласи дека не го оспорува правото на слободно изразување на националната припадност, туку праша дали податоците биле менувани заради добивање работно место или функција.
„Апсолутно повеќе не верувам во ниту еден податок што сте го доставиле до Собранието“, рече Спасовски, додавајќи дека ваквите сомнежи го доведуваат во прашање кредибилитетот на институцијата задолжена за транспарентност и слободен пристап до информации.

