Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготви сеопфатни санкции против Меѓународниот кривичен суд во Хаг, кои планира наскоро официјално да ги објави, потврдија извори запознаени со одлуката за светските агенции. Овој потег претставува досега најрадикален напад врз глобалниот трибунал надлежен за процесирање на воени злосторства и геноцид ширум светот. Вашингтон бара судот веднаш да ги повлече налозите за апсење на израелските лидери поврзани со војната во Газа, како и поранешните истраги што се однесуваа на дејствијата на американските сили во Авганистан.
Американскиот државен секретар Марко Рубио уште во јули најави организирана дипломатска кампања за целосна изолација на институцијата, повикувајќи ги сојузниците и останатите земји-членки да се повлечат од трибуналот. Додека претходните казнени мерки на САД беа насочени поединечно кон судии и обвинители, најновата одлука предвидува казнување на судот како целокупна правна институција, што може да се официјализира уште за време на тековното Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Воведувањето санкции од страна на американското Министерство за финансии значи директна забрана за сите граѓани и компании од САД да обезбедуваат парични средства, стоки или услуги за судот без посебна владина лиценца. Со оглед на тоа што меѓународните банки строго ги почитуваат правилата на Вашингтон за да не го изгубат пристапот до американскиот доларски систем, судот ќе се соочи со непосреден прекин на секојдневните трансакции.
Ваквата институционална блокада директно го загрозува набавувањето на софтверски и ИТ услуги, осигурувањето на тимовите, регрутирањето на меѓународни истражувачи на терен и исплатата на редовните плати на вработените, меѓу кои има и десетици американски државјани. Раководството на судот, вклучително секретарот и претседателот, веќе алармираа дека ваквите мерки можат целосно да ја парализираат правната работа и заштитата на сведоците во активните случаи.
„Казнените мерки против целата организација значат нарушување на основните оперативни системи, осигурувањето и исплатата на вработените, што директно го поткопува спроведувањето на меѓународната правда“, предупредуваат челниците на Меѓународниот кривичен суд.
Отворениот конфликт меѓу Трамп и судот во Хаг датира уште од неговиот прв претседателски мандат, но кулминираше откако трибуналот распиша налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поради сомнежи за воени злосторства во Појасот Газа. Соединетите Американски Држави никогаш не биле членка на овој суд, основан во 2002 година со Римскиот статут, и тврдат дека институцијата нема јурисдикција врз нивни или сојузнички државјани.

