По пауза од десетина години, Прилеп повторно доби телевизија. Медиумскиот простор во Пелагонија од овој месец e збогатен со уште еден медиум, телевизиската куќа „Хоризонт“.
По згаснувањето на прилепската „Канал визија“ во 2017 година, новинарски видеоматеријали можеа да се следат на локалните портали, но немаше целодневна телевизиска програма.
Новата телевизија ќе ги следи локалните и регионалните случувања во Прилеп, Долнени и Кривогаштани. Тоа е од големо значење во период кога локалните медиуми згаснуваат. Сега битолската ТВ „Тера“ и прилепската „Хоризонт“ се единствените телевизиски станици што зрачат програма во Пелагонија.
Од ТВ „Хоризонт“ за „Локал Актив Пелагонија“ велат дека основата на програмата ќе им бидат информациите.
„Сакаме граѓаните да знаат што се случува во нивниот град и регион, и тоа да го дознаат навреме. Сепак, ‘Хоризонт’ нема да биде само телевизија на вести. Ќе има простор за културата, спортот, образованието, здравството, младите, луѓето и за приказните од нашиот крај. Имаме и сопствена продукција и ќе се трудиме секој ден да понудиме нешто ново, но и содржини што вреди повторно да се видат“, изјавија од ТВ „Хоризонт“.
Во регистарот на телевизии на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми, како одговорно лице е наведен Петар Георгиевски, а како уредник Игор Тасески.
До пред дваесетина години Пелагонија имаше четири телевизии, од кои три битолски и една прилепска. Од печат излегуваа и повеќе весници. Во последните години некои од медиумите згаснаа, а бројот на новинари се осипа. Новите квалитетни и професионални медиуми се клучни за зачувување на локалното новинарство и за трасирање на правилниот новинарски пат.
Ж. З.
*Преземено од Локал Актив Пелагонија, Онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

