Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ ја критикуваше Србија од говорницата на Генералното собрание на Обединетите нации поради воените и официјалните почести на погребот на Ратко Младиќ, оценувајќи дека величењето на осудени воени злосторници е спротивно на европските вредности и процесот на помирување во регионот.
Во говорот во Њујорк, Пленковиќ порача дека европската интеграција на Западен Балкан мора да оди паралелно со соочувањето со минатото, признавањето на одговорноста за злосторствата и отфрлањето на историскиот ревизионизам.
Тој директно го спомена Младиќ, поранешен командант на Војската на Република Српска, кој со правосилна пресуда беше осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница, злосторства против човештвото и воени злосторства.
„Воените и службените почести доделени на Младиќ во Србија беа навреда за неговите жртви и за пресудите на меѓународните судови“, рече Пленковиќ, додавајќи дека учеството на државни претставници и јавното одобрување што ја придружувало церемонијата се во спротивност со вредностите на Европската Унија, кон која Србија сака да се приклучи.
Младиќ беше погребан на 7 септември на Топчидерските гробишта во Белград со воени почести. На погребот присуствуваа и државни и политички функционери, а претходно во Домот на Војската беше организирана комеморација.
Неговото тело беше пренесено од Хаг со авион на српската влада. Во авионот, покрај членовите на семејството, бил и српскиот министер за правда Ненад Вујиќ. Европската комесарка за проширување Марта Кос тогаш ја откажа посетата на Србија и предупреди дека величењето на лице осудено за воени злосторства е неспоиво со вредностите на ЕУ и со процесот на помирување.
Во поширокиот дел од говорот Пленковиќ се заложи за проширување на ЕУ кон Југоисточна Европа, но нагласи дека членството мора да биде засновано на исполнети критериуми и реформи. Според него, европската перспектива може да ги претвори старите линии на поделба во простор за соработка, но само ако постои искрен однос кон военото минато.
Хрватскиот премиер зборуваше и за Босна и Херцеговина, оценувајќи дека земјата има европска иднина, но повторно го отвори прашањето за положбата на Хрватите и нивната застапеност во институциите. Тој побара изборна реформа која, според хрватската позиција, ќе овозможи легитимна политичка застапеност на трите конститутивни народи.
Во говорот беа опфатени и војната во Украина, состојбата на Блискиот Исток, реформата на ОН, миграцијата, енергетската безбедност и вештачката интелигенција. Пленковиќ порача дека за малите и средни држави меѓународното право не е апстрактен принцип, туку заштита од политика заснована на сила.

