Театарот исчезна од „Гола месечина“, 615.000 денари за нов организатор

Фестивалот „Гола месечина“, кој повеќе од една деценија се развиваше како меѓународен фестивал на комедијата во организација на Театар Комедија и Општина Аеродром, годинава добива нов организатор и сосема поинаква програма. Наместо театарски претстави, од 25 до 27 септември во паркот „Авионче“ се најавуваат музички настапи, стендап, кабаре и детска програма.

Промената доаѓа откако Советот на Општина Аеродром на 9 септември одлучил организацијата да не ја продолжи со НУ Театар Комедија, туку да поддржи Здружение на граѓани „ДС Вајб“. За организација на фестивалот се одобрени 615.000 денари. Според податоците што ги објави „Независен“, здружението е формирано на 10 август годинава, а решението од Централниот регистар го добило на 20 август – помалку од еден месец пред одлуката на Советот.

Општина Аеродром во денешното соопштение не ја образложува промената на организаторот ниту зошто од програмата исчезнале театарските претстави. Оттаму само наведуваат дека фестивалот ќе понуди „разновидни културни и забавни содржини“ за сите генерации и дека влезот ќе биде бесплатен.

Промената е значајна бидејќи „Гола месечина“ од своето основање има јасно дефиниран театарски карактер. Настанот почнал во 2013 година како театарско културно лето „Аеродром се смее“, а од 2014 година прераснал во интернационален фестивал на комедијата со претстави од Македонија и од странство и со награди за актерски остварувања, режија и најдобра претстава.

И минатогодишното, 12. издание, беше организирано како Меѓународен фестивал на комедијата. Од 10 до 13 септември 2025 година во „Авионче“ беа одиграни четири театарски претстави од Македонија и регионот, во организација на Театар Комедија.

Од Театар Комедија велат дека новото раководство било подготвено да ја продолжи традицијата и да го реализира 13. издание, но дека од Општина Аеродром не добиле одговор на нивните повици и барања.

Одлуката дека фестивалот ќе се организира со друг партнер, според Театар Комедија, ја дознале од медиумите. Од установата наведуваат дека претходното раководство оставило објавен репертоар, но без договорени претстави, поради што новото раководство требало дополнително да ја организира програмата.

„Гола месечина“ и претходно вклучувала стендап и кабаре како дополнување на програмата. На изданието во 2024 година, на пример, имало и стендап и кабаре настапи. Сепак, фестивалот формално продолжувал да се води како Меѓународен фестивал на комедијата во рамките на Театар Комедија.

Годинава, според досега објавената програма на Општината, театарски претстави воопшто не се наведени.

Така, по повеќе од десет години, не се менува само организаторот на „Гола месечина“, туку и концептот врз кој фестивалот беше изграден. Општина Аеродром засега нема објавено образложение зошто традиционалниот театарски фестивал е заменет со поширока музичко-забавна манифестација, ниту по кои критериуми е избрано новоформираното здружение што ќе ја реализира програмата.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?