На социјалните мрежи се отвори нова дебата за тоа колку навистина можеме да им веруваме на AI детекторите, алатки кои тврдат дека можат да препознаат дали текстот го напишал човек или вештачка интелигенција.
Комуникацискиот експерт Миле Бошњаковски на „Фејсбук“ сподели резултати од сопствен експеримент со три вакви алатки.
„Направив три едноставни теста“, напиша Бошњаковски.
Во првиот тест тој внел свој текст од 1999 година, за кој вели дека е целосно негов и дека во тоа време бил редактиран и лекториран од други луѓе.
„Од три AI детектори, два утврдија дека текстот е 86 отсто напишан од ВИ, а третиот дека е околу 30 отсто ВИ“, наведува тој.
Потоа решил да го тестира детекторот со автор чиј текст сигурно не можел да биде напишан со современа ВИ.
„Зедов краток расказ од Ернест Хемингвеј – Cat in the Rain. Го ставив истиот текст во трите детектори.“
Резултатот бил уште поинтересен. Сите три алатки го означиле текстот како напишан со ВИ, со проценки кои се движеле од над 86 до 91 отсто.
„Хемингвеј почина во 1961 година“, потсетува Бошњаковски.
Тестот не значи дека AI детекторите воопшто не можат да се користат при проверка на текстови. Постојат различни техники за анализа на стилот, јазикот и структурата на текстот, но резултатот што го даваат овие алатки претставува проценка, а не конечен доказ за авторството.
Токму примерот со Хемингвеј покажува зошто ваквите резултати треба да се проверуваат и со други докази – историјата на документот, претходните верзии, датумите на создавање и уредување, како и споредба со други текстови на авторот.
Бошњаковски на крајот ја заокружува објавата со иронија:
„И, пред да не убие ВИ, ваљда ќе знаеме ‘кој пие, кој плаќа’. Статусов е лекториран од ВИ.“

