Амбасадата на Србија во Шпанија реагираше на видеоснимката која предизвика внимание на социјалните мрежи, а на која наводно српската амбасадорка во Мадрид, Ирена Шарац, го меша холандското со српското знаме.
Од Амбасадата категорично тврдат дека жената на снимката воопшто не е амбасадорката Шарац, ниту, како што наведуваат, станува збор за лице поврзано со амбасадата.
Според нивната реакција, на видеото е српската водителка Јелена Димитријевиќ, која самата ја објавила снимката на својот јавно достапен профил на Инстаграм.
„На спорната видеоснимка не е амбасадорката на Република Србија во Кралството Шпанија, Ирена Шарац, ниту кое било лице поврзано со Амбасадата на Република Србија во Мадрид, туку српската водителка госпоѓа Јелена Димитријевиќ“, се наведува во реакцијата.
Амбасадата побарала од медиумите што ја објавиле првичната информација да ја отстранат или коригираат, како и да објават демант, оценувајќи дека погрешното припишување на снимката може да му нанесе штета на угледот на амбасадорката и на амбасадата.

