Ниту една земја во Европската Унија не е имуна на корупција, но разликата е во тоа дали институциите функционираат и дали законот важи еднакво и за најмоќните, порача европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц.
На денешната сесија на 25. Мешовит парламентарен комитет ЕУ-Македонија, посветена на владеењето на правото и борбата против корупцијата, Вајц ја посочи сопствената земја Австрија како пример дека корупциски случаи постојат и во побогатите и поразвиени членки на Унијата.
„И во мојата Австрија има големи случаи на корупција, но разликата е во тоа што многу богати луѓе лежат затвор“, рече Вајц.
Неговата порака беше дека клучниот проблем не е дали во една држава ќе се појави корупција, туку дали судството и обвинителството можат да постапуваат и кога пред нив се политички или економски влијателни лица.
Вајц предупреди дека довербата во институциите е директно поврзана и со иселувањето. Според него, ако граѓаните не веруваат дека правдата важи подеднакво за сите, особено младите ќе ја губат довербата во државата и ќе бараат иднина на друго место.
Европратеникот истакна дека владеењето на правото и борбата против корупцијата остануваат меѓу клучните услови за напредокот на Македонија кон Европската Унија и ја повика земјата да продолжи со реформската агенда.
На состанокот во Собранието учествуваат пратеници од Македонија и од Европскиот парламент. Меѓу централните теми се фундаменталните права, слободата на говорот, владеењето на правото и борбата против корупцијата, додека во продолжение треба да се разговара и за европските интеграции, добрососедските односи, енергетиката, инфраструктурата, животната средина и дигитализацијата.
Вајц е постојан известувач на Европскиот парламент за Македонија и во Скопје престојува во рамките на работата на Мешовитиот парламентарен комитет. Претходно имаше средба и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на која се разговараше за европскиот пат на земјата и реформите потребни за продолжување на процесот.
Пораката за корупцијата, сепак, беше една од најдиректните во неговото денешно обраќање – корупциски афери има и во земјите-членки, но мерката за владеење на правото е дали богатството и политичката моќ можат да заштитат некого од одговорност.

