Смокви, јапонски јаболка, киви, па дури и маслинки – овошје кое до неодамна се сметаше за несоодветно за континенталната клима, сè почесто се појавува во овоштарниците на Балканот. Причината не е само интересот на производителите, туку и промената на климатските услови.
Во последната деценија просечните годишни температури во Србија се зголемиле за речиси два степени во однос на просекот од периодот 1981–2010 година, додека количината на врнежи се намалува. Тоа носи сериозни проблеми за традиционалното овоштарство, но истовремено отвора простор за видови кои порано тешко би преживеале во континенталната клима.
Според професорката Бисерка Милиќ од Земјоделскиот факултет во Нови Сад, потоплите зими создаваат услови за одгледување на одредени суптропски и преодни овошни видови. Во Србија веќе постојат насади со јапонско јаболко (каки), киви, ф’стаци и маслинки, а се зголемува интересот и за смокви, нар и кинеска урма – жижула.
Особено интересна е кинеската урма, која според стручњаците има добри предуслови за пошироко одгледување. Таа добро поднесува високи температури и суша, отпорна е на ниски зимски температури, а доцното цветање ја намалува опасноста од пролетните мразеви.
Кај некои други видови проблемот не е преживувањето на зимата, туку дали плодовите ќе стигнат навреме да созреат. Каки, кивито и нарот имаат подолга вегетација и доцно созревање, па студеното и дождливо време во доцната есен може да го загрози родот.
Но, климатските промени не носат само нови можности. Тие го прават и традиционалното овоштарство поскапо.
Видови кои порано можеле да се одгледуваат без системи за наводнување, денес сè потешко го издржуваат недостигот на вода. Затоа на производителите им се потребни системи за наводнување, противградни и засенчувачки мрежи, заштита од мраз, како и ветрозаштитни појаси.
Практично, климатските промени ја менуваат и самата логика на овоштарството – не е доволно само да се избере вистинската сорта, туку сè поважно станува каде и под какви услови ќе се одгледува.
Во Србија затоа веќе се размислува и за преместување на одредени насади кон повисоки надморски височини, но и за одгледување во пластеници и други заштитени простори.
А прашањето е како ќе изгледа овоштарството на целиот Балкан ако зимите продолжат да стануваат потопли, а летата посуви и пожешки.

