Мицкоски го демантира „Политико“ – нема информација дека Македонија останува без патоказ за ЕУ

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема информации оти Македонија ќе биде изоставена од новите планови на Европската унија за забрзување на процесот на проширување, откако „Политико“ објави дека Брисел подготвува појасни патокази за четири земји кандидати.

Според објавените информации, во фокусот на новиот пристап на ЕУ се Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, кои би можеле да добијат појасна и чекор-по-чекор рамка за напредување кон членство. Македонија, заедно со Босна и Херцеговина и Косово, не се споменува меѓу земјите за кои се подготвува таков патоказ.

Мицкоски, сепак, вели дека нема сознанија оти земјата ќе остане без европски патоказ.

„Јас немам таква информација. Прашајте го ‘Политико’ од каде ја има таа информација“, изјави премиерот, оценувајќи дека таквото сценарио би било нелогично ако се земат предвид оценките што Македонија ги добивала за реформскиот процес.

Неговата реакција доаѓа во пресрет на посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Скопје, во момент кога повторно се интензивираат разговорите за иднината на проширувањето на Унијата.

Прашањето за позицијата на Македонија во новата европска стратегија добива дополнителна тежина бидејќи земјата и натаму не го продолжува преговарачкиот процес поради обврската за уставни измени.

Мицкоски во последните месеци повеќепати повторува дека Владата бара гаранции дека со евентуално исполнување на условот за внесување на Бугарите во Уставот нема да следуваат нови билатерални блокади. Владината позиција е уставните измени да бидат со одложено дејство и да стапат во сила по завршувањето на пристапниот процес.

Од друга страна, европските институции продолжуваат да нагласуваат дека Македонија има европска перспектива, но бараат напредок во владеењето на правото, независноста на судството, борбата против корупцијата и исполнувањето на преземените обврски.

На неодамнешниот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија повторно беше потврдена поддршката за членството на земјата, но истовремено беше побаран видлив реформски напредок.

Мицкоски минатата недела и од говорницата на Генералното собрание на ОН порача дека европската интеграција на Македонија трае „надвор од секој разумен рок“ и побара процесот да биде предвидлив и заснован на мерливи критериуми.

Останува да се види дали посетата на Фон дер Лајен ќе донесе појасен одговор за тоа каде точно ќе биде позиционирана Македонија во новата стратегија на ЕУ за проширување.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?