Една случајна реченица во продавница за апарати, реклама на MTV и одмор на Стинг на вистинското место во вистинско време биле доволни за да настане еден од најпрепознатливите рок-хитови на осумдесеттите – „Money for Nothing“ на Dire Straits.
Песната е објавена во 1985 година на легендарниот албум „Brothers in Arms“, но приказната почнува далеку од студиото. Марк Нопфлер се наоѓал во продавница за електрични апарати во Њујорк, каде на голем број телевизори се емитувал MTV. Додека ги гледал спотовите, еден од вработените гласно ги коментирал музичарите на екранот, убеден дека тие заработуваат лесни пари за многу малку работа. Нопфлер ги слушал неговите забелешки, побарал хартија и почнал да ги запишува. Дел од тој јазик подоцна станал основа на песната.
Но недостасувал почетокот.
Нопфлер се сетил на рекламната кампања на MTV во која познати музичари ја изговарале фразата „I want my MTV“. Во една од рекламите се појавувале и The Police. Тој дошол на идеја фразата да ја постави врз мелодија која намерно потсетува на „Don’t Stand So Close to Me“, големиот хит на The Police што го напишал Стинг.
Кога Dire Straits ја снимале песната во студиото AIR на карипскиот остров Монсерат, Нопфлер им рекол на останатите дека би сакал токму Стинг да го испее тој дел.
Одговорот бил речиси неверојатен – Стинг во тој момент бил на одмор на Монсерат.
Го повикале во студиото, тој дошол и го снимил вокалот кој подоцна ќе стане еден од најпознатите почетоци на песна од осумдесеттите. Нопфлер подоцна раскажал дека гласот на Стинг бил токму она што го замислувал за тој дел. Самиот Стинг подоцна ја опишал соработката како резултат на тоа што едноставно се нашол „на вистинското место во вистинското време“.
Но гостувањето донело уште една последица.
Бидејќи Нопфлер свесно употребил пет ноти кои се поврзуваат со „Don’t Stand So Close to Me“, Стинг добил коавторски кредит за „Money for Nothing“. Нопфлер подоцна кажал дека немал никаков проблем со тоа и дека решението совршено функционирало во песната.
Резултатот бил многу поголем од обична студиска анегдота.
„Money for Nothing“ стана единствениот сингл на Dire Straits што стигнал до првото место на американската Billboard Hot 100, каде останал три недели. Во Велика Британија стигнал до четвртото место и останал 16 недели на официјалната листа.
Во 1986 година песната освои Grammy за најдобра рок-изведба на дуо или група со вокал, а беше номинирана и за песна и снимка на годината.
И спотот стана дел од поп-културата. Во време кога компјутерската анимација сè уште била новина, видеото користело тогаш револуционерни анимирани ликови и силно се врзало со визуелниот идентитет на MTV.
Така, еден од најголемите хитови на Dire Straits всушност настанал од низа случајности: разговор слушнат во продавница, телевизиска реклама, неколку позајмени ноти и Стинг кој сосема случајно летувал неколку километри од студиото.
Да не бил на Монсерат токму тие денови, „Money for Nothing“ веројатно ќе звучеше сосема поинаку.

