Русија ја предупреди Северноатлантската алијанса дека е подготвена да го употреби целокупниот воен арсенал, вклучително и нуклеарното оружје, доколку западните сојузници се обидат да ја отсечат или изолираат нејзината енклава Калининград на Балтичкото Море. Во дипломатски документ испратен директно до седиштето на НАТО во Брисел, Москва го обвинува воениот сојуз за преземање опасен курс кој носи висок ризик од избувнување директен вооружен конфликт. Руските власти потенцираат дека таквото сценарио остава простор за директни воени удари врз центрите за одлучување во земјите членки уште на самиот почеток на евентуалната ескалација.
Калининград претставува силно милитаризирана руска територија вклештена меѓу Полска и Литванија, чиј опстанок целосно зависи од копнените и поморските транспортни коридори. Официјален Кремљ проценува дека сè почестите воени вежби, зголемениот надзор и пресретнувањето бродови во балтичките води претставуваат подготовка за потенцијална блокада. Затоа, преку координирани дипломатски активности и соопштенија од амбасадите во европските престолнини, Москва испрати јасна порака до оние што ги нарекува усвитени глави во Европа, нагласувајќи дека секој обид за прекин на врските со енклавата ќе се смета за отворена војна.
Алијансата веднаш реагираше со официјален одговор до Москва, отфрлајќи ги тврдењата дека нејзините активности или воени вежби претставуваат каква било закана за територијалниот интегритет на Руската Федерација. Генералниот секретар на сојузот, Марк Руте, истакна дека се работи за одбранбена организација и порача дека ваквото однесување нема да ги одврати сојузниците од континуираната поддршка за Украина.
„Ние сме одбранбен сојуз. Престанете со нуклеарните закани, тоа е апсолутно непотребно и воопшто не помага. Путин многу добро знае дека никогаш не може да победи против НАТО, па затоа овие закани не ги сфаќам премногу сериозно“, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Воените аналитичари и експертите за нуклеарно оружје предупредуваат дека тензиите на европскиот континент достигнуваат точка во која секој инцидент може да предизвика неконтролирана верижна реакција. Поранешниот руски дипломат Николај Соков оценува дека во Москва сè поголемо влијание добиваат тврдокорните струи кои бараат поагресивен одговор на западните санкции и испораките на оружје. Според неговите анализи, постои сериозен ризик двете страни погрешно да ги проценат границите на трпението, бидејќи она што за европските престолнини е притисок под прагот на војна, за Кремљ може да претставува премин во директна конфронтација.

