Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска со жестока реторика го нападна премиерот Христијан Мицкоски, обвинувајќи го дека со својата политика ја води Македонија кон изолација од Европската унија.
На прес-конференција во Собранието, Филипче ги коментираше ставовите на Мицкоски за европската интеграција и неговото повикување на Исланд како пример за земја која не е членка на ЕУ.
„Па сега зборува некои будалаштини, Исланд не сакал во Европска Унија, па Исланд е дел од заедничкиот пазар. Па може ли таков идиот да е човекот комплетен? Да нè изолира целосно?“, рече Филипче.
Тој го обвини Мицкоски и дека „сè уште глуми патриот“, посочувајќи ги неговите претходни ставови за името, јазикот, културата и идентитетот.
Според Филипче, политиката на Владата ја оддалечува Македонија од европските интеграции, а граѓаните, како што рече, веќе ги чувствуваат последиците преку животниот стандард, високите цени и иселувањето на младите.
„Дали мисли дека сме наивни? Дали мисли дека луѓето се наивни? Што сака да постигне?“, праша претседателот на СДСМ.
Изјавата доаѓа во период на засилена политичка дебата за европскиот пат на Македонија и во пресрет на разговорите со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

