Путин со порака до Србија: Се надевам дека Вучиќ ќе стане премиер

Путин

Москва ја цени воздржаната позиција на Белград и одбивањето на Србија да воведе санкции против Русија. Ова го изјави рускиот претседател Владимир Путин за време на пленарниот состанок на клубот Валдај.

„Многу ја поздравуваме воздржаната позиција на Србија за голем број клучни и многу чувствителни прашања, како и нејзиното одбивање да донесе какви било одлуки што подразбираат санкции против Русија“, рече Путин.

Рускиот претседател изјави и дека се надева оти поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, ќе стане премиер на земјата. „Сегашното раководство на Србија, Александар Вучиќ, кој до неодамна беше претседател и се надевам дека во иднина ќе биде премиер, води воздржана политика и покажува подготвеност да соработува со Русија. Ние дефинитивно го поздравуваме ова и ќе одговориме на ист начин“, рече Путин.

Според него, Москва ја следи позицијата на Белград за клучните и чувствителни прашања и го поздравува отфрлањето на одлуките на Србија за санкции против Русија.

Путин рече и дека не го разбира односот на „колективниот Запад“ кон српскиот народ во последните децении.

„Го знаете нашиот став во однос на Србија. Мене лично ми е сосема нејасно зошто колективниот Запад во последните децении се однесува толку неправедно и асиметрично кон српскиот народ. Тие го поделија српскиот народ на неколку делови, а Србите завршија во различни државни ентитети“, рече рускиот претседател.

Путин ја коментираше и состојбата на Србите во регионот и Дејтонскиот договор.

„Пред некој ден се сретнав со (Милорад) Додик. Тие сами го формулираа Дејтонскиот договор, а сега никој не сака да го спроведе, а во други случаи им наметнуваат некакви решенија на Србите“, изјави тој. Според Путин, Србите се „поделен народ во Европа“, а поделбата, според него, била извршена со сила.

„Ова е неправедно. Србите завршија во Европа како поделен народ – и поделени со сила. Ова не е фер. И ова е лошо, бидејќи секоја неправда води до компликации и конфликти“, рече рускиот претседател.

Потсетуваме дека предвремените парламентарни избори се закажани за 25 октомври 2026 година во Србија, откако претседателот Александар Вучиќ го распушти Народното собрание и го закажа гласањето. Вучиќ поднесе оставка од функцијата претседател на 27 септември 2026 година, наведувајќи дека ќе учествува на претстојните парламентарни избори како „обичен граѓанин“. Претседателката на Народното собрание Ана Брнабиќ по неговата оставка ги презеде функциите на вршител на должноста претседател на Србија.

Александар Вучиќ беше премиер на Србија од 27 април 2014 до 31 мај 2017 година. Тој беше претседател на Србија од 31 мај 2017 до 27 септември 2026 година. Пред тоа, Вучиќ беше вицепремиер и министер за одбрана од 28 јули 2012 до 2 септември 2013 година.

Александар Вучиќ беше министер за информации на Србија од 24 март 1998 до 24 октомври 2000 година, во владата на српскиот диктатор Слободан Милошевиќ.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?