Правото на боледување нема да се скратува, а најавените контроли нема да значат дека пациентите задолжително мора да бидат дома, уверува директорот на Фондот за здравствено осигурување Златко Перински.
Тој појаснува дека матичните лекари и натаму ќе можат да утврдат привремена спреченост за работа до 15 дена. Предложената промена се однесува на медицинските критериуми што би почнале да се применуваат по петтиот, наместо по седмиот ден од боледувањето.
Најавата претходно предизвика реакции во јавноста и кај лекарите, откако беше протолкувана како ограничување на боледувањето што може да го отвори матичниот лекар на пет дена.
Перински вели дека станува збор за промена на критериумите, а не за намалување на правото на боледување.
Дополнителни реакции предизвика и најавата за контроли на домашна адреса. Според Перински, лицето што користи боледување нема да биде обврзано постојано да престојува дома.
Доколку лекарот препорачал пешачење, физикална терапија, рехабилитација или друга активност како дел од лекувањето, пациентот ќе може да ги следи тие препораки.
Контролите треба да бидат поврзани со конкретната здравствена состојба и медицинските препораки, а не со претпоставката дека секој што е на боледување мора да остане во домот.
ФЗО претходно најави дека контролите би можеле да се вршат по пријава од работодавач или по случаен избор. Ако контролорот не го затекне лицето на адресата, тоа би било повикано пред лекарска комисија за да образложи каде се наоѓало.
Перински вели дека целта на измените е да се спречат злоупотребите, но без да се ограничат правата на пациентите.

