На сцената на НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово вчеравечер одекна силен и долг аплауз за екипата на НУ Народен театар Битола, која со својата изведба повторно ја воодушеви и ја насмеа до солзи публиката која ја исполни салата до последното столче. „Секстет“ и овојпат покажа дека добрата комедија не познава граници – се игра, се чувствува и се споделува со публиката.
„Од срце му благодариме на организаторот на фестивалот „Денови на комедијата“ за поканата, прекрасното добредојде и гостопримството. До следната средба – со уште многу смеа, аплаузи и театарски моменти“, истакнуваат од Битолскиот театар.
Претставата „Секстет“ секогаш го полни гледалиштето до последното место, комедијата од Марк Камолети, во режија на Марјан Георгиевски, па така и овојпат салата беше исполнета со публика која ги награди актерите на Битолскиот театар со долготрајни аплаузи.
Недоразбирања, тајни, љубовни заплети и урнебесни пресврти секогаш ја тераат публиката да се смее од почеток до крај.
Зошто комедија? Затоа што премногу долго сме сериозни. Живееме во време на прегласни информации и постојани кризи. Научивме како да бидеме загрижени, заборавивме да се смееме.
Во претставата играат: Бернар – Николче Пројчевски, Жаклина – Катерина Аневска Дранговска, Роберт – Александар Димитровски, Сузан – Сандра Грибовска Илиевска, Сузет – Анастасија Чипуровска, Џорџ – Борче Ѓаковски.
Костимографијата е на Андреј Георгиевски, сценографијата на Влатко Чачоровски, музика -Александар Димовски.

29.издание на Фестивалот оваа година се одржува од 23 септември до 5 октомври. Во текот на фестивалските денови, публиката има можност да проследи театарски претстави исполнети со хумор, квалитетна актерска игра и препознатлива фестивалска атмосфера преку изведба на театрите од Македонија и земјите од регионот.
Фестивалот ќе биде затворен со претстава надвор од конкуренција, посветена на годинашниот лауреат Игор Џамбазов.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам и од Општина Куманово.

