Мицкоски вчера се смешкаше, а денеска: Не сум задоволен од пораките на Фон дер Лајен

Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека средбата со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен била „исклучително пријателска, корисна и содржајна“, но дека не е задоволен од нејзините пораки во однос на уставните измени.

Фон дер Лајен вчера во Скопје јасно порача дека уставните измени остануваат клучниот чекор за отворање на првиот кластер од преговорите со ЕУ – „Основи“, во кој се опфатени владеењето на правото, судството, фундаменталните права и други области.

„Не можам да кажам дека сум задоволен од пораките коишто ги испрати претседателката. Таа јасно кажа дека стои на маса промената на Уставот“, рече Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања во Скопје.

Мицкоски очекува разговори со Софија

Според премиерот, следната недела треба да започнат активности поврзани со разговорите со Бугарија.

Тој потврди дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија веќе побарало билатерална средба со бугарската страна, по совет што, како што рече, го добил од Фон дер Лајен.

„Министерот побара, сега останува на нашиот источен сосед да одлучи што понатаму“, рече Мицкоски.

Вчера, по средбата со Фон дер Лајен, премиерот соопшти дека му наложил на министерот Тимчо Муцунски да испрати дипломатска нота и да побара средба со бугарската колешка на маргините на настанот поврзан со Коридорот 8 во Софија.

Мицкоски денеска изјави дека не очекува Бугарија да го одбие барањето за средба.

„Не би било паметно да одбијат, но во ред, тоа е нивна суверена одлука, не е тоа наша одлука“, рече тој.

„Градуалната интеграција е шанса за нас“

И покрај несогласувањето со пораката за уставните измени, Мицкоски оцени дека од средбата со Фон дер Лајен произлегуваат и охрабрувачки сигнали.

Тој посебно ја издвои идејата за постепена, односно градуална интеграција во ЕУ, оценувајќи ја како можност за Македонија.

„Постепената или градуална интеграција е исто така шанса за нас. Сето ова нè охрабрува и нè мотивира да продолжиме по патот на реформите“, рече премиерот.

Мицкоски најави и две посети на Брисел во ноември – една поврзана со еврокомесарката за проширување и една во рамки на регионалниот самит ЕУ–Западен Балкан.

Клучниот услов останува ист

Изјавите на Мицкоски доаѓаат еден ден откако Фон дер Лајен во Скопје рече дека Македонија може брзо да напредува откако ќе се надмине сегашната блокада, но дека за отворање на првиот кластер останува потребно усвојување на уставните измени.

Таа истовремено порача дека Европската Унија ја гледа Македонија како дел од својата иднина и дека земјата ќе биде пречекана „со нејзиниот идентитет и со нејзиниот јазик“.

Со тоа, по посетата на Фон дер Лајен, две работи остануваат паралелно на маса: дипломатскиот обид за повторно активирање на разговорите со Софија и непроменетиот услов од европската преговарачка рамка за уставните измени.

Мицкоски денеска порача дека Владата ќе продолжи со активностите, но дека за процесот се потребни време и трпение.

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали имате доверба во квалитетот на храната што се продава во Македонија?