Бугарија не поставува нови услови за Северна Македонија во процесот на европска интеграција, но очекува исполнување на обврските преземени во 2022 година и конкретна временска рамка за нивна реализација. Ова е пораката на бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова по денешната средба со македонскиот министер Тимчо Муцунски во Софија.
Разговорот се одржа на маргините на меѓународната министерска конференција посветена на Коридорот 8, по иницијатива на македонската страна и по препораката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да се обнови директниот дијалог меѓу Скопје и Софија.
Според соопштението на бугарското Министерство за надворешни работи, Петрова-Чамова побарала од Муцунски да посочи во кои рокови Македонија планира да ги исполни обврските од европскиот консензус од 2022 година. Таа нагласила дека довербата меѓу двете земји треба да се гради преку спроведување на веќе договореното.
Пораката дека Бугарија нема нови услови доаѓа во момент кога македонската Влада бара гаранции дека по евентуалните уставни измени нема да следуваат дополнителни билатерални барања. Софија, од друга страна, останува на ставот дека постојните обврски се јасно утврдени и дека нивното исполнување е предуслов за напредок во европските преговори.
Во центарот на спорот останува внесувањето на Бугарите во македонскиот Устав, обврска предвидена со решението прифатено во 2022 година, познато како француски предлог. Без оваа промена, Македонија не може да премине во следната фаза од пристапните преговори со Европската Унија.
На средбата било разговарано и за случајот со Ива Михаилова. Според бугарското МНР, Петрова-Чамова ја поздравила согласноста на македонската страна бугарски лекари да се вклучат во конзилиумот за процена на нејзината здравствена состојба и изразила очекување да ѝ биде овозможено потребното лекување.
Средбата се одржа во рамките на конференцијата за Коридорот 8, кој Бугарија го претставува како стратешки проект за економската поврзаност, енергетската безбедност и воената мобилност во регионот. На конференцијата беше нагласено значењето на транспортното поврзување меѓу Јадранското и Црното Море, како и потребата политичката поддршка да се преточи во конкретни инфраструктурни инвестиции.
Пред разговорите, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема големи очекувања од средбата, употребувајќи го изразот „дијалог на коњопој“. И покрај обновената комуникација на министерско ниво, од денешните соопштенија не произлегува дека е постигнат договор за надминување на главното несогласување.
Така, додека двете земји ја нагласуваат потребата од соработка за Коридорот 8 и регионалната поврзаност, нивните позиции околу продолжувањето на македонските европски интеграции остануваат различни. Скопје бара гаранции за понатамошниот процес, а Софија очекува конкретен рок за исполнување на обврските од 2022 година.

